Денеска во скопскиот ресторан “Пелистер” познатата македонска етно-поп група “Монистра” одржаа прес-конференција каде пред новинарите го претставија својот втор студиски албум “Киниса моме на вода”, а воедно и го промовираа видео спотот за носечката нумера по која што е и насловен новиот албум. Албум содржи 10 композиции, што преработки на стари македонски народни изворни песни, што авторски песни. Овој втор албум е комплетно аранжиран од страна на Александар Јовевски кој е и всушност создател на “Монистра”, а истиот е снимен во студиото “Подрумот” од страна на Ангел Ќосев.
Меѓудругото, на оваа прес-конференција “Монистра” уште еднаш го најавија и нивниот концерт кој што ќе се одржи на 9-ти април во Македонскиот народен театар, на кој како специјални гости ќе се појават: музичарот и познатиот гитарист Петар Ренџов, виолинистот Владимир Крстев кој е дел од композициите на новиот албум и хорот “Св. Злата Мегленска”.
Доколку сакате да уживате во добра македонска изворна музика и песна, доколку сте љуботел на она што е македонско, топло и од се срце ви го препорачуваме новиот албум кој што е штотуку излезен во продажба, како и концертот на оваа надалеку позната група кој што потсетуваме, ќе се одржи на 9-ти април во Македонскиот народен театар.
Подготви: Иван Јосимовски
