Вчера вечер, 30 декември – претпоследниот ден од 2025 година – Македонската филхармонија беше исполнета до последното место за четвртиот и воедно последен концерт од серијата настапи на нашата македонска дива Калиопи. Како што и беше најавено, овој концерт носеше посебна тежина – емотивна, музичка и симболична. Предновогодишна вечер, публика подготвена за магија и уметница која никогаш не настапува „обично“.
Во моментот кога светлата се пригушија, а нетрпението во салата достигна врв, Калиопи се појави на сцената во нејзин препознатлив стил и без вовед го започна концертот со моќната „Дари Дари Дам“. Веднаш потоа следеше „Најмила“ – песна со која пораснаа генерации, а емоцијата во салата само се зголемуваше. „Ако денот ми е ноќ“ беше следна, и така – хит по хит, спомен по спомен. Публиката, како со душа да ја чекаше оваа вечер, неуморно стануваше, играше и пееше.
„Чувствувајте се како да сте дома“, рече Калиопи на почетокот – и навистина, Македонската филхармонија вчера вечер беше токму тоа: дом на музиката, емоцијата и искреноста.
Меѓу песните, Калиопи во свој стил знаеше да се пошегува, да сподели анегдота или да се наврати на дел од својата кариера. Во соработка со продукцијата „Прагма“, со која беа реализирани сите четири концерти, таа го најави и големиот јубилеен концерт закажан за 17 октомври 2026 година – кога ќе одбележи 50 години на македонската музичка сцена. Како што самата потсети, нејзиното прво појавување на сцена било на „Златно славејче“ во далечната 1976 година.
Инаку, ова беше четврти солистички концерт на Калиопи во салата на Македонската филхармонија и по долго време – акустичен. На сцената, заедно со неа, настапија 12 музичари: бендот, придружните вокали Маја Саздановска и Јулија Карамитрова-Огненоска, гудачки квинтет и двајца дувачи, создавајќи богат, топол и префинет звук што совршено ѝ прилегаше на нејзината интерпретација. Уникатноста на Калиопи повторно дојде до израз – од една страна, публиката остануваше без здив по секоја нејзина моќна вокална изведба, особено во акапела деловите, а од друга страна, никој не беше изненаден од нејзиниот врвен квалитет. Иако од неа секогаш се очекува многу, Калиопи и овој пат ги надмина сите очекувања.
Во салата имаше и фанови од други земји, кои ретко пропуштаат нејзин концерт. Ќе се прераскажуваат моментите кога целиот бенд ја напушти сцената, а Калиопи остана сама со придружните вокали, седна на клавирот и ја отсвире и отпеа „Не плачи“. Ѕвезденото небо на „Месечина“, целата публика на нозе на „Дај да пијам“, аплаузи среде песна – нешто што се случуваше речиси по секоја нумера – сето тоа ја направи вечерта незаборавна. Изненадување на концертот беше и блокот од евергрини од 1970-тите – песни на Сашка Петковска, Драган Мијалковски и други легенди, за кои Калиопи рече дека им се восхитувала уште како дете, гледајќи ги на црно-бел екран.
Впечатливо беше и тоа што Калиопи во текот на целиот концерт пееше и танцуваше со ист ентузијазам и радост како да е првпат на сцена. За разлика од многу пејачи кои признаваат дека им здодеале нивните најголеми хитови, кај Калиопи тоа не важи – особено кога станува збор за „Бато“. Песната ја изведе со љубов и жар, а на самиот крај, додека траеше нумерата, се прошета низ бендот и ги прегрна сите музичари – гест кој ја заокружи вечерта со искрена емоција.
Концертот, во организација на продукцијата „Прагма“, не беше само музички настан, туку потсетник зошто Калиопи со децении е една од најголемите и најпочитувани уметници на македонската сцена. Вечер што не се гледа – туку се чувствува.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
