Традиционално секоја година во месец октомври се одржува познатиот интернационален, најпознат и највлијателен гастрономски фестивал во Република Македонија и на Балканот “Гастромак” во организација на Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија. Годинава поради целата општа ситуација со Ковид-19, пандемијата и протоколите и мерките за претпазливост од ширење на коронавирусот, “Гастромак” ќе се оддржи, но под сосема поинакви услови.
Ја контактиравме Претседателката на Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија, Андријана Алачки, која што за нашиот портал Музика24 ексклузивно изјави дека годинава “Гастромак” поради целата општа ситуација како кај нас така и на глобално ниво, ќе има национален карактер за членовите на “Гастромак” кои сакаат да напредуваат и да го прошират своето готвачко знаење.
“Оваа година поради Ковид-19 сите настани се поместени. Верувајте, секаде на Балканот и општо низ светот никаде нема натпревар. Ние, некаде крајот на октомври или почетокот на ноември ќе организираме натпревар, но само со наши членови и ученици. Тоа ќе биде строго зад затворени врати со сите протоколи и мерки за претпазливост за да не го изгубиме редот, бидејќи годинава треба да биде петти натпревар за да можеме следната 2021 година да го организираме шестиот по ред натпревар. Во меѓувреме, ние го поставивме датумот за следната година па така “Гастромак” планираме да се оддржи од 10-ти до 14-ти октомври”, ни изјави Андријана Алачки.

Бидејќи годинава за жал гости е невозможно да има, Алачки најавувајќи го следното шестто издание на “Гастромак”, нагласи дека целиот настан ќе има сеопфатна и темелна организација па така она што годинава неможеше да се реализира, ќе биде идејно преработено следната година, но имајќи ја в предвид амбициозноста на првата жена на “Гастромак” Андријана Алаки, која од овој фестивал направи своевиден бренд не зачудува раната организација со која сигурно ќе бидат опфатени голем број на земји учесници затоа што “Гастромак” го има предзнакот на интернационален настан.

Како за потсетување, минатата година во Охрид се оддржа четвртото издание на “Гастромак”, каде гостуваа голем број на познати светски и балкански готвачи и шефови на кујни меѓукои ќе ги споменеме: Chef Дон Давид кој на отворено и пред публика го организираше популарниот “фиш фестивал”, Стево Карапанџа кој беше дел од организацијата и готвеше, Томас Гуглер, Доменико Маџи, Анил Гровер, Ѓорѓе Костиќ, Мишел Луис Ленц, Алан Пајен, Изток Легат, Вуко Митровиќ… и многу други.
Подготви: Иван Јосимовски
Фото: Музика24
