После одличните и беспрекорно организирани концерти на Амира Медуњанин, Дарко Рундек и Жељко Бебек на античките театри во Охрид и во Битола, Ви најавуваме дека концертите на Авалон Продукција се селат во Скопје, и тоа на стадионот на АРМ, на отворено.
Првиот од трите веќе најавени музички настани е славеничкиот концерт на култниот бенд “Електрични Оргазам” кој ќе се одржи на 11-ти септември, на голема продукција, онака како што му доликува на овој легендарен состав. За да се запазат мерките и протоколите за превенција од Ковид-19, капацитетот на стадионот на АРМ ќе биде драстично намален од вкупниот капацитет кој е за 12.000 посетители, ќе биде искористен само 10%, а ќе бидат само 1.200 билети во продажба.
Потсетуваме дека сите оние што ги имаат зачувано билетите за претходно резервираниот термин, истите ќе им бидат важечки и за овој концерт. Останатите ќе можат билетите да ги набават по цена од 700 денари онлајн на avalon.mk, продажната мрежа на Авалон низ Македонија и во Avalon Music & Ticket store во ГТЦ.
