Во прв ред

Ангелскиот глас на Балканот доаѓа во Скопје – ексклузивен концерт на Божо Вреќо во Македонската филхармонија (Фото)

Како што неодамна музичкиот портал Музика24 први ве информираше и пишуваше, Босанскохерцеговскиот уметник Божо Вреќо, еден од највлијателните и најпрепознатливи гласови на модерниот севдах, на 21 ноември 2025 година ќе настапи во Македонската филхармонија. Концертот претставува редок и исклучителен музички настан за македонската публика, која конечно ќе има можност да го доживее неговиот карактеристичен, мистичен и емоционално разорен израз во жива изведба.

Вреќо, лирски тенор со несекојдневна вокална боја и препознатлив сценски израз, редовно ја фасцинира светската јавност. Неговата уметност е опишана како катарзична и трансверзална, а реномираните медиуми како ARTE, The New York Times и El Periodico го нарекоа „икона на слободата“ и „глас што ги отвора срцата“. Тоа е глас што ја прераскажува љубовта, копнежот, тагата и осаменоста на начин кој допира до најскриените слоеви на човечкото чувство.

Минатата година, концертот на Вреќо во Сараево беше распродаден за само седум часа, што најдобро сведочи за неговата популарност и влијание. Неговите интерпретации, како и авторските песни од „Лејлија“ до „Саба“, одамна прераснаа во култни дела што ја рушат границата меѓу традиционалната севдалинка и современиот музички израз.

Покрај вокалната уметност, Вреќо активно работи на истражување на балет, опера и документаристика, при што создава сопствен авангарден пристап кон севдахот. Тој е меѓу ретките музичари кои успеваат да ги спојат балканските автохтони монофони и полифони традиции со елементите на џез, блуз, спиритуалност и алтернативен звук. Неговите концерти често се опишуваат како суфи транс, енергетски бран што ја носи публиката низ најдлабоки емоционални состојби. Солзи, тишина, експлозија на љубов – тоа се едни од најприсутните реакции што ги предизвикува неговата изведба. Публиката вели дека на концертите на Вреќо се чувствува „колективна катарза“, нешто ретко и речиси мистично.

Затоа и концертот во Скопје е најавен како музички настан што не се пропушта. Божо Вреќо доаѓа да донесе еден поинаков универзум – оној на безвременската песна, на севдахот ослободен од рамки и страв, и на уметност што лечи.

Текстот го подготви: Влад Петров

Можеби ќе ве интересира: