Концерт од милион долари, кој започна со антологиската „Милион долари“ во изведба на легендарниот Ристо Вртев и специјалниот гостин на вечерта, Васил Хаџи-Манов, беше најава за вечер исполнета со социјален бунт, пренесен преку рок-лирика и оригинални рок-мелодии.
Скопје синоќа не беше само град на музиката, туку и храм на колективната меморија, емоција и автентичниот македонски рокенрол-дух. Под отвореното небо на стадионот на АРМ, легендарните Архангел, предводени од Ристо Вртев, одржаа концерт кој уште еднаш потврди дека нивната музика не е само звук, туку генерациски печат, урбана филозофија и културен манифест.

Во рамките на јубилејот – 44 години музичко творештво на Вртев – публиката имаше можност да биде дел од вечер исполнета со антологиски песни, мелодии и стихови што со децении се пеат, живеат и се доживуваат меѓу генерации. Меѓу најсилните моменти беше изведбата на „Uber Makedonishe“, песна што на ироничен и брилијантно саркастичен начин го опишува македонското битисување. Еуфорија предизвикаа и безвременските „Чудесен свет“, „Луна“, „Сениште“, „Заумна сила“ и сите композиции што одамна прераснаа во културни кодови. Концертот беше повеќе од музички настан – беше патување низ колективната меморија на македонската алтернативна сцена.
Дополнителна тежина и квалитет на вечерта ѝ даде и предгрупата – светската џез-атракција, бендот на Васил Хаџиманов, чиј настап внесе виртуозност, современ музички израз и интернационален звук како совршен вовед во рок-антологијата што следуваше.
Ние како верни фанови на Архангел со нетрпение го очекуваме новиот албум кој го најави фронтеменот Вртев кој ќе даде нов печат на еден од најдобрите македонски рок бендови.
Текстот го подготви: Даниел Ѓорѓевски
Фото и Видео: Даниел Ѓорѓевски
