Во прв ред

Младиот македонски композитор Петар Саркањац го претставува дебитниот албум „Conference of Grammars“ – музичко патување низ пет јазици и повеќе светови

По дипломирањето на престижниот Berklee College of Music во Бостон, македонскиот композитор Петар Саркањац ја започнува својата авторска приказна пред домашната публика со концертна промоција на дебитниот албум „Conference of Grammars“, која ќе се одржи на 21 јуни со почеток во 20:00 часот во амбиентот на Сули Ан.

Станува збор за несекојдневен музички проект во кој авторските композиции ќе оживеат во изведба на вокални солисти – чии имиња засега остануваат изненадување – придружени од жичан квинтет составен од членови на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија.

„Conference of Grammars“ ги надминува жанровските и јазичните граници. Песните се напишани на англиски, македонски, шпански, португалски и турски јазик, а музичкиот израз вешто ги спојува самбата, фадото, џент-металот и фолклорните влијанија, преточени во современи аранжмани за жичан квинтет.

Како увертира за концертот, на 15 јуни ќе биде објавен и првиот сингл од албумот, на кој како специјална гостинка се појавува Андријана Јаневска. Капацитетот на Сули Ан е ограничен на 200 посетители, па организаторите препорачуваат билетите да се обезбедат навреме. Тие можат да се купат однапред или на самиот влез, доколку останат слободни места.

„Conference of Grammars“ не е само концерт, туку музички дијалог меѓу различни култури, јазици и традиции – проект што ја претставува современата македонска авторска музика на еден свеж, храбар и интернационален начин.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: