Во понеделникот 15-ти септември беа отворени Деновите на македонската традиција кои се одржуваат во Белград во ресторанот “Ковач” и кои ќе траат се до 24-ти овој месец. На овој настан досега имаат присуствувано голем број на познати музички имиња кои освен во доброто македонско вино, уживале и во одличните македонски специјалитети. Меѓу нив ќе ги споменеме Аца Лукас кој се појавил со својата сопруга Соња, Романа Паниќ, Влатко Стефановски, нашата позната македонска пејачка Тијана Дапчевиќ, Сузана Манчиќ, Верица Ракочевиќ со сопругот Вељко… и многу други.
“Ова ни е можност да не го заборавиме јазикот и да се видиме, бидејќи работата тоа не ни го дозволува. Од специјалитетите од мојата татковина најмногу ја сакам сармата со виновата лоза, која се подготвува само од јунешко месо. Македонската хрна е пикантна”, изјавила нашата Тијана за српските медиуми.
Инаку во наредните две недели македонците кои живеат во Белград и секако нивните пријатели можат да уживаат во овој голем настан , а истовремено да ги вкусат и уживаат во одличните македонски вина и македонски специјалитети приготвени од Димитрија Јовановиќ кој е всушност и сопственик на ресторанот “Стара куќа”, кој се наоѓа во центарот на Скопје.
Подготви: Елена Ивановска
Фото: Телеграф.рс
