Во прв ред

“Благодарам” – Заштитен знак на првата фестивалска вечер на Скопскиот Џез Фестивал

Чудесна пејачка го отвори 33-то издание на Скопскиот џез фестивал. Уметничка која со своите вокални способности, импровизации, фалсети, имитирања и пеења, убаво ги прошета дојдените, низ разни фрекфенции и разни доживувања.

“Добровечер. Многу сум среќна што сум вечерва овде со вас”, се обрати на течен македонски јазик , со што за момент се помисли дека освојува на финта. Но не беше така. Изненадувањето следуваше кога таа, корејската џез пејачка Јун Сун На во придружба на шведскиот гитарист Улф Вакениус почна да пее, песни на англиски, француски, шведски, корејски…и што не.

И безброј пати повтори- благодарам!

Френетични аплаузи, извици, весели свирежи за неа, а одушевувањето кое го остави беа убава подлога во тој ритам да продолжи ноќта и со вторите настапувачи, џез бендот на, со “Греми” наградената, американска тапанарка и композиторка Тери Лин Керингтон.

Од 20 часот до полноќ џезот одекнуваше во Универзална сала, а по полноќ во Сити хол, со саксофонистот Мачеј Обара. А Универзална, исполнета со редовните џез љубители, другите музичи сладокусци, но и познати музичари како редовниот Радослав Шутевски, Влатко Стефановски, Тони Китановски, Роки од бендот на Тоше, Влатко Плевнеш со ќерката Деаделина, потоа и Лабина Митевска, Ристо Пенов и други познати. Директорот Оливер Белопета, кој го даде уводниот збор, посебно нагласи дека оваа година засилување им е новопоставениот уметнички директор Богдан Бенигар од Словенија.

Џез фестивалот ќе трае до недела, а дотогаш се очекуваат уште концерти. Утревечер на програмата во Универзална сала е пијанистот Метју Шип и Елиане Елиас, а на полноќниот концерт бендот “Red Snapper”. Затворањето на СЏФ 2014 следува во недела, со концерт од 13 часот во Кино “Фросина” на Нед Ротенберг и вокалната импровизаторка и експериментаторка Саинко Намчилак, а во Македонската опера и балет вечерта од 20 часот Вадада Лио Смит и њујоршкиот саунд-дизајнер Hardedgе и австралискиот бенд “The Necks”.

Подготви: Валентина Ѓоргиевска – Парго

Можеби ќе ве интересира: