Во прв ред

Чолиќ го отвори концертниот триптих во Скопје со симфониска емоција и незаборавна ноќ (Фото)

Во преполнетата сала „Борис Трајковски“, пред публика од сите генерации, Здравко Чолиќ на 2 јуни го одржа првиот од трите распродадени концерти во Скопје – и тоа за првпат во придружба на симфониски оркестар. Ова музичко патување, исполнето со носталгија, еуфорија и раскошни аранжмани, беше своевидна временска капсула, што публиката ја однесе низ пет децении музичка историја.

Концертот го отвори со песната Sinoć nisi bila tu“ – нумера со која Чолиќ првпат се прослави во 1972 година, токму на фестивалот „Вашиот шлагер на сезоната“ во Сараево. Интро со голем оркестар, како тогаш, како сега – перфектна нишка за да се раскаже една убава приказна.

„Се сеќавам колку ми беше убаво на настапот на Скопскиот фестивал во 1972 во Домот на ЈНА“, рече Чолиќ на почетокот од концертот, поврзувајќи го споменот со сегашноста, а публиката одговори со громогласен аплауз.

Концертната специфика беше во новите, симфониски аранжмани на неговите безвременски хитови. Аранжманите ги потпишува диригентот Федор Вртачник, а на сцената му се придружија 50 музичари од Биг Бендот и оркестарот на Српскиот народен театар од Нови Сад, како и четири придружни вокали и машки вокален квинтет.

Ова беше Чолиќ во неговата најграндиозна верзија – со глас кој ни по 50 години не изгубил од топлината, бојата и силата, и со сценска енергија што ја заразува и најтивкиот агол од салата.

Разликата помеѓу овој и неговите претходни концерти беше токму во изборот на репертоарот. Чолиќ испеа и песни што ретко се изведуваат во живо, што му даде нова тежина на овој концерт. Pjesmo moja“ од 1980 година беше финалето на вечерта – песна што самиот Чолиќ ја смета за една од најтешките за пеење, но и совршена за оркестарска верзија.

Салата „Борис Трајковски“ беше исполнета до последно место, со публика од сите возрасти – од оние кои го паметат Чолиќ од младите фестивалски денови, до генерацијата што преку социјалните мрежи и Spotify ја откри магијата на неговиот глас. Иако сцената беше полна со хорови и инструменти, најгласниот хор беше токму оној од публиката. Сите пееја, играа и аплаудираа без пауза, со таа единствена љубов која ја заслужува само музика што опстојува со децении.

По шест години пауза, Чолиќ се врати во Скопје – не само како музичар, туку како институција. По двата концерти денес следува последната симфониска вечер, во организација на „МК тикетс“, кои ветуваат нови емоции и уште повеќе музичка магија.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: