Скопје ќе биде дел од големата регионална прослава на една од најголемите музички ѕвезди на Балканот. Легендарниот Хари Мата Хари на 24 октомври 2025 година ќе одржи специјален солистички концерт во спортскиот центар „Јане Сандански“, само неколку дена пред неговите јубилејни настапи во Арена Загреб и Сава Центар во Белград.
Концертот во македонската престолнина ќе биде почетна станица на неговата турнеја посветена на големиот јубилеј – 40 години музика, љубов и емоции. Под мотото што совршено ја опишува неговата уметничка мисија, Хари ќе ја раскаже својата четиридецениска музичка приказна преку безвременските хитови што генерации ги пеат и ги носат во срцата: „Lejla“, „Baš ti lepo stoje suze“, „Kad dođe oktobar“, „Lud sam za tobom“ и многу други.
Настанот ќе биде дополнително збогатен со настап на култната група Валентино, чии песни оставија длабок печат врз регионалната сцена. Публиката во Скопје ќе има ретка можност повторно да ужива во нивните безвремени хитови „Volim te još“, „Oka tvoja dva“, „Samo sklopi okice“ и уште многу други.

Она што овој концерт го прави уште поексклузивен е одлуката на Хари Мата Хари да наметне ограничен капацитет – само 2.000 билети, од кои 700 со седење. Намерата е да се создаде вистинска интимна атмосфера и да се овозможи секој присутен да почувствува блискост со уметникот и неговата музика.
Продажбата на билети започна на 1 септември 2025 година во 09:00 часот преку онлајн платформата ticketx.com.mk и низ продажната мрежа на TicketX низ Македонија. Цените се следниве:
- Партер – 800 денари
- Фан Пит – 990 денари
- Голден Трибина – 1.200 денари
- Силвер Трибина – 1.000 денари
Концертот „Kad dođe oktobar“ во Скопје не е само уште едно гостување, туку дел од историски момент – прослава на 40-годишна кариера која остави неизбришливи траги во музиката на овие простори. За македонската публика ова е единствена можност одблизу да го доживее Хари Мата Хари во едно навистина интимно издание, какво ретко се случува во големите сали.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
