Како што дознава музичкиот портал Музика24, по неверојатниот успех на концертот во сараевската „Скендерија“, каде што Аца Лукаc, Мира Шкориќ и Мирослав Илиќ ја распалија атмосферата со часови, Хајп продукција ја продолжува својата регионална турнеја – а следната дестинација е токму Скопје.
На 20-ти декември 2025 година, со почеток во 20:00 часот, спортската арена „Јане Сандански“ ќе биде домаќин на спектаклот „Кафанска ноќ“, кој ветува вечер исполнета со емоции, хитови и енергија што само овие балкански легенди умеат да ја пренесат.
Аца Лукаc, познат по својата експлозивна енергија и бројните клубски хитови, ќе ја спои својата моќна сцена со емотивниот вокал на Мирослав Илиќ и харизматичниот настап на Мира Шкориќ. Заедно, тие ќе создадат вистинска „кафанска бајка“ која ќе ја врати публиката во времето на најдобрите балкански мелодии.

Организаторите откриваат дека вечерта ќе биде збогатена со специјални гости-изненадување, кои ќе се приклучат на сцената и ќе придонесат за уште поголема еуфорија. Публиката може да очекува и неколку заеднички настапи кои, според најавите, ќе бидат „момент за паметење“.
Со репертоар кој ги обединува младите љубители на добар провод и постарите генерации што израснале со балканските евергрини, „Кафанска ноќ“ ветува вистински мост меѓу времињата и емоциите.
„Ова не е само концерт – ова е празник на музиката, душата и дружбата што сите ја посакуваме“, велат од Хајп продукција.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
