Во прв ред

Станишиќ без став, ПР со инструкции: „Не пишувајте дека нема коментар“ (Фото)

По реакциите во јавноста околу објавите на пејачот Никола Станишиќ, редакцијата на Музика24 се обрати до неговиот тим со цел да добие појаснување на ставовите изнесени на социјалните мрежи. Одговор не добивме – единствено порака од неговата ПР-претставничка, во која беше наведено дека „е најдобро да не коментираме“ и „да не пишуваме дека Никола нема став“.

Поводот за обраќањето беше објава на Инстаграм-стори, во која Станишиќ реагираше по настанот на концертот на Цеца Ражнатовиќ во Велес. Во текстот споделен на неговиот профил, тој говори за улогата на музиката како обединувачка сила и ги повикува луѓето да не дозволуваат политиката да влијае на здравиот разум. Во таа објава, меѓу другото, стои и реченицата:

„Се буните сите, а пола Македонија е со бугарски пасош. Срамота!“.

Кратко потоа, Станишиќ сподели уште една објава со пораката:

„Многу злобен народ сме“.

Овие пораки предизвикаа голем број реакции и коментари на социјалните мрежи, при што дел од јавноста изрази несогласување со тонот и содржината на објавите. Други, пак, го поддржаа неговиот став за тоа дека музиката не треба да се користи за политички цели.

Редакцијата на Музика24 се обиде да добие дополнително појаснување од Станишиќ или неговиот тим, со цел прецизно да се пренесе неговиот став, но до моментот на објавување на овој текст, одговор не беше доставен.

Можеби ќе ве интересира: