Вториот “Free Zone Festival 2014” се одржа во неделата, на 7-ми септември, под мостот близнак во Општина Аеродром. Со посетеност од повеќе од 5.000 расположени гости, забавата траеше до 5 часот наутро, а заврши со настапот на DJ Ник Капа и Future INC. Локацијата која беше посебно прилагодена за потребите на фестивалот се покажа како супер место погодно за журка, а со пунктовите за пијалаци и храна, одличното осветлување на просторот и урбаниот звук, Free Zone доби целосна слика на фестивал.
Забавата започна точно во 20 часот со настапот на DJ Че, a по него настапија Future INC и Марко Logout. После полноќ следуваше и настапот на ѕвездата на вечерта, Бора Чорба кој иако под дејство на алкохол, не ги остави рамнодушни посетителите кој два часа, во еден глас ги пееја неговите добро познати хитови.
Општина Аеродром, втора година по ред доби одличен фестивал кој расте во традиција, а на градот Скопје се наметнува како сериозно музичко случување кое од година на година ги зголемува своите капацитети.
Подготви: Елена Ивановска
