Неодамна во гостување на позната тв емисија, познатата и популарна поп пејачка Нина Бадриќ го најави својот голем солистички концерт во Скопје, во преубавата и нова Македонска филхармонија. По распродадените “Сава Центар” во Белград и српско Народно позориште, хрватската поп пејачка Нина Бадриќ конечно доаѓа во Скопје на голем солистички концерт, кој ќе се одржи на 09-ти јуни.
Таа неодамна ја промовираше и нејзината најнова песна “Мења се вријеме”, каде што фановите ги воодушеви со новиот изглед, како и со изборот на песна која има навистина светски звук. Долгогодишната кариера, бројните награди и насловни страници, синглови кои владееа и се уште владеат на радиските топ листи… сето тоа оди во прилог на убавата пејачка, но најмногу на прекрасната и верна публика која до последно место ги полнела најголемите концертни сали. Впечатлива беше и минатата година во која Нина ги “запали” топ листите низ целиот регион со песната “Дани и године”, за која доби и многубројни награди. Оваа песна многумина ја сметаат за вечен евергрин, а на тоа во прилог оди и фактот дека досега видео спотот за оваа нумера има над 15.000.000 прегледи.
“Чаробно јутро”, “Додири од стакла”, “Да се опет теби вратим”, “Такви као ти”, “Моје очи пуне љубави”… се само дел од големата дискографија на Нина Бадриќ. Најубавите песни од нејзината музичка кариера, како и низа други музички изненадувања, ќе ги изведе Нина и во Скопје на 09-ти јуни, во салата на Македонската филхармонија. Влезниците се веќе во продажба преку продажната мрежа на kupikartizase низ цела Македонија и онлајн преку веб страницата на ККЗС по цени од 1.200 и 1.500 денари.
Подготви: Виолета Трајковска
