Македонската филхармонија, Кино Милениум и Град Скопје, на 6-ти и 7-ми јуни ве канат на два атрактивни настани кои што ќе се случат под отворено небо, во Градскиот парк во Скопје. Годинава Македонската филхармонија по завршувањето на официјалната концертна сезона, ќе го реализира настанот “Филхармонија на отворено”, кој ќе ја донесе нигериската музичка ѕвезда Феми Кути.
На спектакуларниот музички настан којшто ќе се случи на 7-ми јуни (четврток) во Градскиот парк во 21 часот, заедно со Македонската филхармонија, а под диригентство и во аранжмани на Џијан Емин, ќе настапи славниот африкански вокалист Феми Кути, кој доаѓа со неговиот бенд “Позитив форс”. Дел од неговата музика за првпат во светот, ќе биде изведена, односно аранжирана за симфониски оркестар. Еден ден пред концертот на Феми Кути, на 6-ти јуни (среда), во Градскиот парк во 21 часот, ќе се случи настанот “Кино на отворено”, на кој ќе биде прикажан повеќенаградуваниот македонски филм на Ѓорче Ставрески “Исцелител”.
Нигерискиот исклучителен музичар Феми Кути (роден во Лондон) пред се е познат како најстар син на пионерот на афробитот, големиот Фела Кути. Но, и покрај тоа што тој ја продолжува звучната патека која што ја трасираше неговиот татко, Феми Кути создаде сопствен израз на музицирање кој го прави автентичен и единствен. Неговите почетоци со музиката се од раните 80-ти години и секако се врзани со легендарниот Фела Кути и членувањето во неговиот бенд “Египет 80”. Во 1995 година, Феми го издаде својот прв албум и од тогаш концертира ширум светот и особено е познат и впечатлив по неговите настапи во живо.
Феми Кути во Скопје ќе гостува со неговиот извонреден бенд “Позитив форс”, со кој гостуваше и во рамките на “Скопски џез фестивал” во 2004-та година. Овој пат ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија под отворено небо. Диригент е маестро Џијан Емин, кој се погрижи и за оркестарските аранжмани на композициите. Феми Кути годинава го издаде албумот “One people one world”.
Подготви: Влад Петров
