Во прв ред

Голема концертна промоција на 9-ти април на етно групата “Монистра” (Видео)

Познатата македонска етно група “Монистра” која ја негува македонската традиционална музика на 9-ти април ќе одржи голема концертна промоција на новиот албум “Киниса мома на вода” на сцената на Македонскиот народен театар. Гостувајќи во тв емисијата “Македонија денес” на Телевизија 24, членовите на “Монистра” на гледачите им открија како и кога започнале со свирење и пеење на традиционални македонски народни песни, како и зошто токму овој жарн и вид на музика.

“Ние сите сме познаници и членови на Културно уметничкото друштво “Цветан Димов” од Скопје, значи од мали нозе сме задоени со народната македонска песна. Во меѓувреме се запишавме средно музичко училиште, запишавме народни инструменти. На дел од членовите ни дојде идеја да формираме група и уште одпочеток владееше таа идеја дека тоа ни е една мисија, сакаме да ја презентираме македонската традиционална музика во земјата и надвор од неа, бидејќи таа е најголем амбасадор на Република Македонија”, изјави Александар Јовевски член на етно групата “Монистра”. А на сето ова младата Габриела Јанушевска која што е и воедно вокал на групата додаде:

“Сепак корените си влечат кон своето. Интересна е оваа музика за нас, токму како што кажа Александар, оваа музика е амбасадор најголем за Република Македонија и не постои поубав начин да го презентираш своето. Млади луѓе сме точно, но баш од таа причина се одлучивме за тоа и навистина убаво е чувството кога може да го презентираме некому кој што не е доволно запознаен со нашата музика”, додаде вокалот на групата “Монистра” младата Габриела Јанушевска.

Што се однесува до големиот концерт кој што треба да се одржи на 9-ти април во Македонскиот народен театар, членовите на етно групата “Монистра” велат дека го одбрале токму овој објект затоа што изобилува со голема и професионална техника за овој тип на музика и за овој тип на групи со што може да направи навистина многу. Тие велат дека не им е потребно нешто посебно, знајќи дека тие свират во една положба и дека понекогаш многу е битно и амбиенталното светло. Билетите веќе се пуштени во продажба во мрежата на kupikartizase по цена од 300 денари со што сите заинтересирани ќе можат навремено да ги набават.

Во продолжение, преслушајте една од новите песни на новиот албум “Киниса мома на вода”.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: