Во прв ред

Јоце Панов – 25 години на сцената: Вечер кога срцата пееја во Македонската филхармонија (Фото)

Вчерашната вечер беше повеќе од обичен концерт – беше музичка бајка, вистинска фузија на емоции, хитови и раскош, со која Јоце Панов го прослави својот голем јубилеј – 25 години на македонската музичка сцена. Македонската филхармонија беше исполнета до последно место, а атмосферата налик на најгламурозните светски музички гала-настани.

Јоце ја отвори вечерта со една од своите најголеми песни – „Ти пеам песна“, и веќе од првиот тон беше јасно дека ова нема да биде само обичен настап. Секој тон, секоја нота, секој збор носеше посебна магија, а оркестарот во живо ја заокружи оваа музичка хармонија на најдобар можен начин. Сцената, богато украсена со рози, светеше во чест на дамите по повод 8-ми март, а Панов, како вистински џентлмен, им се оддолжи со гласот, енергијата и песните што ги сакаат.

Публиката го доби тоа што го сака – низа незаборавни хитови. Од „Кој да ти каже Ивана“ и „Ни Љ од љубовта“, па сè до најновите песни, кои веќе освојуваат на српскиот пазар. Моментот кога сите заедно запеаја беше доказ дека Јоце не е само пејач – тој е музичка институција.

Најемотивниот дел од вечерта дојде кога сцената ја презеде неговиот 5-годишен син. Татко и син, рака под рака, запеаја неколку стиха, а салата експлодираше во овации. Кога малиот со широки очи му даде бакнеж на тато, многумина во публиката едноставно не можеа да ги задржат солзите. Но, најтрогателниот момент беше кога Јоце ја изведе песната „Црна земја“, посветена на неговата почината мајка. Додека ја пееше со колена на сцената, солзи му течеа по лицето, а кога на крајот се исправи и се издиша длабоко, во салата владееше тишина – тишина на почит, на љубов и разбирање.

Јоце не заборави на македонските корени – дел од концертот беше посветен на старите македонски песни, но во нов, модерен аранжман. Како што велел неговиот чичко од Штип: „Овие песни не смеат да се заборават“. И навистина, ова беа моменти кога традицијата и современото се споија во совршена хармонија. Целата вечер имаше шмек на најголемите музички фестивали, налик на „Сан Ремо“. Публиката беше дел од секоја песна, енергијата струеше низ салата, а Јоце како вистински мајстор на сцената ја водеше оваа емоционална музичка приказна.

Кога светлата згаснаа, а последните ноти стивнаа, едно беше сигурно – Јоце Панов повторно приреди вечер што ќе се памети долго. Ова не беше само концерт, туку музички спектакл со душа. А ако судиме по реакциите на публиката, сите со нетрпение го чекаме следното вакво музичко патување со Јоце.

Јоце, маестро, ова беше за чиста десетка!

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Музика24.мк

Можеби ќе ве интересира: