На 7 октомври, сцената на Македонската опера и балет ќе биде местото каде што ќе започне новата концертна сезона на Националниот џез оркестар, и тоа со спектакуларен музички настан кој во Скопје ја носи актуелната енергија на њујоршката џез-сцена.
Пред македонската публика ќе настапи Dan Pugach – еден од најценетите современи американски композитори, аранжери и тапанари, чие име последниве години се вбројува меѓу највлијателните во светот на биг-бенд џезот. Во 2025 година тој ја освои престижната Grammy награда во категоријата Best Large Jazz Ensemble Album за албумот Bianca Reimagined: Music for Paws and Persistence, потврдувајќи го својот статус како еден од водечките автори на денешната џез-сцена. Во Скопје, Pugach пристигнува со двајца исклучителни музичари. На сцената ќе му се придружи неговата долгогодишна соработничка Nicole Zuraitis, вокалистка, пијанистка и аранжерка, која во 2024 година ја освои својата Grammy награда за Best Jazz Vocal Album со албумот How Love Begins. Нејзиниот впечатлив вокал и препознатлива музичка експресија ја прават една од најбараните џез уметници на денешницата.
Концертот ќе биде збогатен и со настапот на Jonathan Saraga, трубач и композитор кој зад себе има соработки со некои од најреномираните американски џез ансамбли, меѓу кои Maria Schneider Jazz Orchestra, Mingus Big Band, Miguel Zenón Big Band, Afro-Latin Jazz Orchestra и John Pizzarelli Big Band.

Под диригентската палка на Џијан Емин, Националниот џез оркестар ќе создаде музичко доживување што ќе ги спои врвната американска џез традиција и современиот звук на Њујорк со домашната оркестарска енергија. Публиката ќе има можност да ужива во концерт исполнет со оригинални композиции, богати аранжмани и врвна импровизација – вистински празник за сите љубители на џезот.
Концертот ќе се одржи на 7 октомври, со почеток во 20:00 часот, во Македонската опера и балет.
Билетите се веќе во продажба преку MKTickets и на нивните продажни места. Студентите и пензионерите ќе можат да купат билети со 50 проценти попуст на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Македонската опера и балет, со приложување соодветен документ. Резервации однапред се возможни на [email protected].
Текстот го подготви: Редакција Музика24
