Музика на кирилица

МРТ ги враќа „Македонски идол“, „Икс фактор“ и Евровизија – стартува и нов 24-часовен музички канал

Македонската радио-телевизија најави една од најголемите програмски реформи во својата понова историја, а најмногу причини за задоволство има токму македонската музичка сцена. По неколку години во кои домашната музика речиси и да немаше свое место на националниот јавен сервис, МРТ најавува вистинско враќање на музичките содржини – од нов музички телевизиски канал, преку враќање на најпознатите музички натпревари, па сè до повторното учество на Македонија на Изборот за песна на Евровизија.

Најголемата новина е трансформацијата на МРТ 3, кој од 28 септември во 17 часот официјално ќе стане 24-часовен музичко-забавен телевизиски канал. Наместо спортска програма, гледачите ќе добијат канал посветен на македонската музика, новите изведувачи, концертите, музичките емисии и промоцијата на домашната продукција.

Одговорниот уредник на МРТ 3, Зоран Мирчевски, истакна дека новиот канал ќе биде место каде младите таленти ќе добијат простор за афирмација, а македонската музика повторно ќе биде во центарот на вниманието. Дополнително, МРТ официјално потврди дека започнува подготовката за враќање на два од најгледаните музички телевизиски формати кај нас – „Македонски идол“ и „Икс фактор“. Станува збор за формати кои создадоа бројни музички имиња и со години беа едни од најпопуларните телевизиски продукции во Македонија.

Уредникот на Првиот програмски сервис, Стојан Трпчевски, најави дека покрај овие музички проекти се работи и на реализација на светскиот квиз-формат „Пасворд“, кој треба да понуди модерна семејна забава за сите генерации. Особено значајна е и потврдата дека Македонија повторно ќе настапи на Евровизија 2027, по повеќегодишна пауза. Од МРТ информираа дека во наредниот период ќе биде објавено на кој начин ќе се избира македонскиот претставник, а беше истакнато и дека годинава земјава ќе плати значително пониска котизација за учество во споредба со претходните години.

Освен музичките содржини, јавниот сервис најави и враќање на детската радио-драма, Детскиот хор на МРТ, како и обновување на фестивалите за деца и возрасни, кои со децении беа препознатлив белег на Македонската радио-телевизија.

Во новата програмска шема ќе бидат вклучени и нови поткасти со познати новинари, музичари и актери, меѓу кои Пеце од „Суперхикс“, Нора Шаќири, Ивана Кнез и Катерина Топалова. Воедно, Првиот програмски сервис ќе понуди и нови информативни формати, додека Централниот дневник ќе биде проширен на еден час со поголем простор за културата.

Со овие најави МРТ испраќа јасна порака дека повторно сака да стане важен партнер на македонската музичка сцена. Доколку најавените проекти се реализираат во планираниот обем, следниот период би можел да означи почеток на едно ново поглавје за домашната музика на јавниот сервис – со повеќе простор за македонските изведувачи, нови музички формати и враќање на продукциите кои оставија силен белег кај публиката.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: