И оваа година, исто како и минатата, продукцијата “К-Тим” го организира и комплетно го реализира вториот по ред детски фестивал “Распеани лавчиња”. 29-ти декември недела е денот кога сите “Распеани лавчиња” ќе се појават на бината на Драмскиот театар и ќе ја отпеат својата омилена детска песничка. И исто како и првото издание на овој детски фестивал, така и овој пат, фестивалот е од хуманитарен карактер и тој се организира во духот на хуманоста. На фестивалот ќе настапат 10 детски интерпретатори, кои ќе пеат авторски песнички кои се бесплатни.
13 часот и 30 минути е моментот кога во недела сите дечиња кои ќе бидат присутни на детското фестивалче ќе имаат можност да добијат бесплатни новогодишни пакетчиња од Дедо Мраз. Секако, и оваа година влезот е бесплатен, а организаторите велат дека и оваа година сцената ќе биде соодветно новогодишно украсена со многу ефекти и нормално маскотата на фестивалот (лавчето) ќе биде дел од сценографијата и самиот фестивал.
За ова детско фестивалче кое се одржува на локално ниво се повеќе и повеќе има заинтересираност и веќе од следната година се најавува дека истото ќе се пренесе на повисоко ниво. И оваа година водител на “Распеаните лавчиња” ќе биде препознатливиот и познат тв и радио водител Томче Јосимовски. Музика24 ќе биде медиумски покровител на ова второ издание од детското фестивалче “Распеани лавчиња”.
Подготви: Марија Поповска
