По повеќе од две децении од легендарниот концерт на Скопски саем, групата „Ареа“ се враќа со голем спектакл – „Врати на имагинација“ во живо. На 8 ноември, во арената „Јане Сандански“, ќе ги слушнеме сите песни од култниот албум „Врати на имагинација“, изведени за првпат во целост на еден концерт. Настанот го организира продукцијата Авалон, а љубителите на македонскиот поп-рок веќе броеја денови до шоуто.
На вчерешната прес-конференција, Бобан Милошески од Авалон, потсети на огромното влијание на бендот врз македонската музика:
„Кога се обидувавме македонската музика да ја дигнеме на највисоко можно ниво, „Ареа“ и уште неколку музичари имаат голема улога. Без дилема, „Сите мои слики“ е најголемиот македонски хит во независна Македонија“, изјави Милошески.
Тој се присети и на незаборавниот концерт од 2000 година на Скопски саем:
„Продадовме 2.000 влезници повеќе, а надвор беше вистински спектакл. Првпат видов полицајци на коњи – беше лудо, но позитивно лудо!“, додава тој.
На сцената повторно ќе блеснат Ружица Милошевска-Брчиоска и Ивица Брчиоски, двојката која ги напиша најголемите хитови на групата. Ружица со насмевка се потсети на времињата кога „Ареа“ го полнеше секој простор каде што настапуваше:
„Концертот на Саем беше најпозитивниот хаос во нашата кариера. Сега е прекрасно што гледаме и нова, млада публика. Некои од нив првпат одат на вистински концерт – и кога ќе слушнат жива музика, се враќаат пак!“.
Ивица Брчиоски откри дека бендот денес има и нови, помлади членови, но и дека времињата се промениле:
„Многу е потешко да создаваш квалитет денес, бидејќи сè се мери со прегледи и лајкови. Но вистинската публика сè уште препознава кога нешто има душа“.
А Ружица пак додаде:
„Младите сега учат што значи живо свирење – како звучи бас, гитара, тапани и вокал без обработка. Тоа е магијата што не ја нуди ниту една платформа“.
На концертот ќе се промовира и ре-изданието на легендарниот албум на плоча, а сите кои ќе ја купат, ќе добијат примерок потпишан од членовите на групата. Како специјален гостин ќе настапи младиот пејач Јанг Дади, кој гостува и во новата верзија на хитот „Очи ангелски“, снимена токму за оваа пригода. Билетите за концертот на „Ареа“ на 8 ноември се веќе во продажба преку мрежата на „Авалон букинг“. Организаторите очекуваат полна сала и енергија каква што одамна не сме виделе – носталгија за повозрасните и откритие за новите генерации.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
