Во време кога сите сме „онлајн“, а никој не е „присутен“, двајца од најпопуларните македонски стендапери — Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски — решија буквално да нè вратат „На линија“.
Токму така се вика и нивното ново стендап шоу, кое ќе се одржи на 21 и 23 ноември од 20 часот во салата „Јане Сандански“ во Скопје.
Вчера, на прес-конференцијата во спортскиот центар „Јане Сандански“, Атанасовски, Костадиновски, Антонио Ташковски и организаторите од „Тикетс.мк“ ги споделија сите детали за новиот проект кој ветува – смеење до солзи, без Wi-Fi. Александар Михајловски беше оправдано отсутен.
„Денес во ова ново време, кога живееме за телефоните, како да не живееме. Поточно – не живееме. Точка“, со оваа реченица, актерот Атанас Атанасовски ја отвори прес-конференцијата, објаснувајќи ја суштината на шоуто.
„Ќе се обидеме да ги излечиме луѓето од тој живот – барем на два часа, додека се смеат во живо“, додаде тој. Атанасовски искрено призна дека најтешко му е да остане сериозен додека сите околу него се смеат.
„Кога создаваме стендап, се водиме по тоа дали нам ни е смешно. Ако мене ми е смешно – тогаш верувам дека ќе им биде и на сите други“, вели тој со насмевка.
Тино Костадиновски, со својот препознатлив шарм, се потсети на првите чекори со Атанасовски.
„Нашиот прв заеднички стендап беше во 2013-та, на Златна бубамара на популарноста. Тогаш мислев дека е генијално. Сега кога ги гледам снимките – катастрофа!“. Публиката, нормално, се насмеа, но Костадиновски веднаш додаде:
„Ова ново шоу, „На линија“, има симболично значење – таа линија што нè поврзува сите, без разлика колку сме различни“.
По успешниот стендап „(Нат)просечен Македонец“, кој го изведоа низ цела Македонија и низ Европа, Тино и Атанас сега се подготвуваат за уште поголем предизвик.
„Сакаме да го најдеме последниот Македонец на светот – и да го насмееме“, вели Тино.
Организаторот Ален Хаџиќ од „Тикетс.мк“ истакна дека тие се единствените македонски комичари кои успеале да продадат шест сали во Скопје и да настапуваат пред над 40 до 50 илјади луѓе.
„Ова што го прават Тино и Атанас е вистински феномен. Тоа значи дека публиката сака да се смее – само треба кој да ја ‘вклучи’“, рече Хаџиќ.
На сцената ќе им се придружат Александар Михајловски и Антонио Ташковски, кои се дел од новиот бран на македонски стендап.
„Ми е чест што ќе бидам дел од ова шоу. Публиката ќе има можност да види свежа, современа хумористична енергија“, рече Ташковски. Атанасовски пак на крајот духовито додаде:
„Толку работи се случија последниве месеци, што не можеме сите да ги ставиме во еден стендап. Собираме зимница – за следните шоуа!“.
За финале на пресот – Мacedонскиот олимписки комитет им подари плакети на актерите, со ветување дека ако ја наполнат салата десет пати, десеттиот пат „Јане Сандански“ ќе им биде гратис! (Се разбира, сите се насмеаја – но кој знае, можеби навистина ќе им треба таа десетка!).
„На линија“ не е само стендап шоу – тоа е обид за реално поврзување во време кога сите сме виртуелни.
Тино, Атанас и нивната екипа ветуваат вечер полна смеа, искреност и она најважното – жив контакт со публиката. Затоа, ако сте подготвени да се „одклучите“ од телефонот и да се „вклучите“ во вистински живот – 21 и 23 ноември во „Јане Сандански“ е вистинската линија за вас.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
