Во величествената атмосфера на Македонскиот народен театар, вчера вечер 22 февруари, се одржа втората Оскаровска гала вечер, каде што најголемите филмски хитови кои добиле Оскар или биле номинирани за оваа престижна награда добија нов живот преку извонредни интерпретации на врвни вокалисти.
Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска, Јасна Димитровска, Дејан Бобиќ – Дексо, Горан Наумовски и Денис Димоски, во придружба на Битолскиот камерен оркестар „IWConnect“ и хорот „Полифонија“, создадоа незаборавно музичко искуство под диригентската палка на Владимир Димовски. Вечерта беше збогатена со настапите на балетските уметници Саша Евтимова и Ендрју Кук, како и танчарите од клубот „Денсерс јунајтед“, кои со својата грациозност внесоа дополнителна емоција во музичката магија.
Музиката има моќ да нѐ врати назад низ времето, буди спомени и повторно нѐ внесува во омилените филмски сцени. Тоа беше совршено доловено со проекциите на видеобим, кои ги оживуваа кадрите од филмовите додека се изведуваа нивните препознатливи мелодии. Со неверување сфаќаме дека поминале 38 години од култниот „Валканиот танц“ (Dirty Dancing), 29 години од емотивната драма „Нешто сосема лично“ (Up Close and Personal) и дури 43 години од „Роки 3“ (Rocky III) со легендарниот Силвестер Сталоне.

Водителката Миланка Рашиќ низ вечерта ги водеше присутните низ историјата на филмската музика, додавајќи интересни приказни за секоја песна и филм. Репертоарот беше внимателно избран и совршено прилагоден на секој изведувач, што резултираше со емоционални и моќни интерпретации, поздравени со бурни овации. Концертот беше поделен во два дела, а финалето донесе експлозија на радост – сите изведувачи се собраа на сцената и заедно ја исполнија „Can’t Stop The Feeling“ на Џастин Тимберлејк, оставајќи ја публиката на нозе.
„Ако ви се допадна вечерва, ве очекуваме и догодина на третата Оскаровска гала вечер!“, порача на крајот Миланка Рашиќ, најавувајќи уште едно незаборавно издание на овој спектакуларен музички настан. Настанот се одржа само една недела пред 97. доделување на Оскарите во Лос Анџелес, создавајќи совршен вовед во магијата на филмската уметност.
