Во прв ред

MARIJA и Jayla со двојна промоција: Две нови песни, една вечер посветена на македонската музика (Фото+Аудио)

Македонската музичка сцена доби две нови музички приказни. Во одлична атмосфера, исполнета со музика, позитивна енергија и бројни гости од естрадата, медиумите и јавниот живот, вчеравечер во скопскиот „Cuban Cocktail Bar“ се одржа двојна промоција на која своите најнови музички изданија ги претставија младите пејачки MARIJA и Jayla.

Вечерта беше можност публиката одблиску да ги слушне двете нови песни, но и да се запознае со уметничките визии на две млади девојки кои чекор по чекор го градат своето место на домашната музичка сцена.

Младата пејачка Марија со поддршка од ПР тимот и Градоначалничката на општина Кисела Вода каде што и моментално работи и функционира
Марија со Градоначалничката на општина Кисела Вода – Бети Стаменкоска Трајкоска
Марија со поддршка и од Тања Атанасовска – ПР на општина Кисела Вода
Марија Димовска – младата пејачка која што вчеравечер ја промовираше својата прва песна „Во чуда верувам“

Под уметничкото име MARIJA, 23-годишната Марија Димовска официјално дебитираше со песната „Во чуда верувам“. Станува збор за модерен музички проект кој носи свеж афробит звук, дополнет со впечатлива саксофонска линија што на композицијата ѝ дава препознатлив печат. Комплетен автор на песната е композиторот Драган Илиев, кој ги потпишува музиката, текстот и аранжманот. Иако ова е нејзин прв официјален сингл, MARIJA зад себе има сериозно музичко искуство. Основното и средното музичко образование ги завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ на насоката музичар-теоретичар, настапувала како дел од хорот „Мирче Ацев“ и студентскиот бенд на УКИМ, а паралелно дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Денес е на магистерски студии по Менаџмент на човечки ресурси, продолжувајќи успешно да ги спојува образованието и љубовта кон музиката.

Jayla го претстави својот најнов осми сингл насловен „Само ти“

Покрај неа, својата најнова песна „Само ти“ ја претстави и Jayla, за која ова е веќе осми официјален сингл. Музичката продукција ја реализираше Михаил Дамчевски, кој заедно со пејачката е и коавтор на текстот. Jayla веќе извесно време е активно присутна на домашната музичка сцена, а својата музичка надградба ја продолжува и академски, студирајќи џез и популарни жанрови, насока соло пеење. Покрај интерпретацијата, активно пишува текстови и создава авторска музика, градејќи препознатлив музички идентитет.

Двојната промоција покажа дека на македонската музичка сцена доаѓа генерација млади артисти кои размислуваат современо, вложуваат во квалитетна продукција и не се плашат да експериментираат со нови музички правци. Со „Во чуда верувам“ и „Само ти“, MARIJA и Jayla испраќаат јасна порака дека нивните музички приказни допрва почнуваат.

Во чуда верувам

Музика24 им посакува многу успех, нови песни и уште поголеми музички предизвици во периодот што следува.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: