Вчера вечер во Македонската опера и балет, после четири години, познатиот и популарен фолк пејач Марјан Коцев оддржа голем солистички концерт пред македонската публика. Со песната “Бела Јасмина” тој го започна концертот во преполната сала, каде што се бараше место повеке, карта повеќе за да се биде дел од овој голем музички настан. И никој не се сомневаше дека фолк пејачот Коцев нема да го повтори она што се случи пред неколку години, овој пат со многу поголема самодоверба, нов избор на песни, проширен тим и совршено организиран концерт до најситен детал.
“Бекрија љубовџија”, “Виски”, “Запејте браќа”, “Пукај ми во грб”, “Вечна да си мајко ти” (песна која ја посвети на својата почината мајка), “Ајде Сашко свири”… беа само дел од песните кој што тој ги отпеа на сцената во кои присутните едноставно уживаа. Како специјален гостин на концертот се појави веќе најавената позната македонска фолк пејачка Анета Мицевска од групата “Молика” со која што Марјан ја отпеа народната песна “Кажи, кажи либе Стано”, песна која што кај дел од публиката побуди многу солзи, но и громогласен и долг аплауз давајќи им до знаење дека можеби е време да снимат и заедничка песна, дует кој исто така ќе биде популарен и слушан како и оваа позната народна македонска песна. Откако Анета отпеа дел од своите песни, фолк пејачот го продолжи концертот со своите препознатливи и познати рефрени. Крајот на концертот едноставно беше како јаготка на шлагот откако Марјан публиката ја почести со својот можеби и најголем хит “Ти, ти само ти”, песна која што ги крена сите на нозе и која што немаше некој што не ја потпевнуваше во салата.
Екипата на музичкиот портал Музика24 која што беше дел од новинарите присутни на концертот, ги забележа колегите музичари кои што несебично му дадоа поддршка на Марјан Коцев, во публиката ги забележавме поп пејачот Ѓоко Таневски, пејачката Серафина Фантаузо, фолк пејачот Ефто Пупиновски, фолк пејачот Кирил Митовски, членовите од групата “Респекти”, Сашо Ливрински… како и голем број на други музичари и негови блиски соработници. Како придружна група на сцената на концертот на Марјан Коцев настапија веќе докажаните “Дрим Тим”, а како пратечки вокал за целовреметраење на концертот на сцената беше познатиот фолк пејач Дејан Николовски – Чуле, дел од тимот на веќе споменатата група. Концертот беше во организација на Роса продукција која што уште еднаш докажа како вистински се организира концерт на позната македонска фолк ѕвезда.
Концертот го снимаше националната ТВ Алфа која што одложно и со претходна најава ќе го емитува на својата програма.
Подготви: Марија Поповска
