Во прв ред

Moonspell доаѓаат во Скопје: „God Is A Vampire Tour 2027“ ќе ја затемни сцената на МКЦ (Фото)

Македонската метал публика повторно ќе има можност да биде дел од едно големо европско музичко случување. Португалските dark metal легенди Moonspell на 1 април 2027 година ќе настапат во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, во рамките на својата голема европска турнеја „God Is A Vampire Tour 2027“.

Турнејата претставува најголемиот хедлајнерски проект во повеќе од три и пол децении долгата кариера на бендот и воедно е посветена на 35 години Moonspell. Во текот на неколку месеци, групата ќе одржи 40 концерти во 19 европски земји, носејќи ново сценско шоу, модерна продукција и сет-листа која ќе ги обедини најголемите класици со материјал од нивниот актуелен албум „Far From God“. Со својот препознатлив звук, кој успешно ги спојува gothic, dark и extreme metal елементите, Moonspell одамна го имаат обезбедено своето место меѓу најзначајните европски метал состави. Предводени од харизматичниот Fernando Ribeiro, тие повеќе од три децении создаваат музика што остава силен белег кај неколку генерации љубители на металот.

Концертот во Скопје ќе добие дополнителна тежина со настапите на уште две исклучително интересни имиња од современата европска метал сцена.

Данско-фарскиот состав IOTUNN е едно од најбрзо растечките имиња во прогресивниот метал, препознатлив по моќните композиции, атмосферичниот пристап и впечатливите вокални интерпретации. Вечерта ќе ја отвори шпанскиот бенд TodoMal, кој со својот атмосферски doom metal звук во последните години привлекува сè поголемо внимание меѓу љубителите на потемните музички правци.

Настанот ветува повеќе од класичен концерт – вистинско музичко доживување во кое сценската продукција, светлосните ефекти и препознатливата мрачна естетика на Moonspell ќе создадат атмосфера каква ретко може да се види на домашната концертна сцена. Продажбата на билетите веќе започна, а организаторите информираат дека првите 100 билети се достапни по промотивна цена од 1.500 денари. По нивното распродавање ќе следува редовната продажба по повисока цена.

Доколку сте љубители на gothic, dark и extreme metal, тогаш 1 април 2027 година е датум што вреди да се обележи. Moonspell повторно доаѓаат во Скопје, носејќи ја со себе една од најочекуваните европски метал турнеи во годината.

Текстот го подготви: Влад Петров

Можеби ќе ве интересира: