Во прв ред

Гласот што не замолкнува: „Вечното ехо на Бадев“ во МНТ

Љубителите на македонската народна музика на 16 октомври ќе имаат можност да бидат дел од вечер исполнета со емоции, спомени и безвременски мелодии. Во Македонскиот народен театар, со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи концертот „Вечното ехо на Бадев“, посветен на еден од најголемите интерпретатори во историјата на македонската народна песна – Никола Бадев.

На сцената ќе настапат хорот, оркестарот и солистите на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, заедно со повеќе домашни музички имиња, кои преку нови, но автентични интерпретации ќе му оддадат заслужена почит на легендарниот пејач.

Публиката ќе има можност повторно да ги слушне дел од најпознатите песни од богатиот репертоар на Бадев – композиции што со децении претставуваат симбол на македонската музичка традиција и културен идентитет. Од ансамблот „Танец“ велат дека концертот е замислен како музичко патување низ творештвото на уметникот чии интерпретации оставија неизбришлива трага.

„Песните на Никола Бадев, кои со децении го пренесуваат духот на македонскиот народ, оваа вечер ќе заживеат преку современи и автентични интерпретации, потсетувајќи нè зошто неговиот глас останува вечно врежан во нашата културна меморија“, велат од „Танец“.

Никола Бадев важи за еден од најзначајните амбасадори на македонската народна песна. Со својот препознатлив вокал, исклучителна интерпретација и бројните безвременски изведби, тој остави музичко наследство што и денес инспирира нови генерации уметници и љубители на народната музика.

Влезниците за концертот „Вечното ехо на Бадев“ веќе се пуштени во продажба преку платформата „Купи карта“.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: