Во прв ред

Ноќ кога Скопје заплака од емоции: Јаков Јозиновиќ ја освои „Јане Сандански“ (Видео)

После долга најава и огромно исчекување, младата регионална сензација Јаков Јозиновиќ конечно застана пред македонската публика – и го направи тоа на начин кој ќе остане врежан во сеќавањата на сите присутни.

Вчера вечер, 9-ти април 2026 година, во преполната и распродадена арена „Јане Сандански“, се случи нешто повеќе од концерт. Се случи емоција. Иако многумина се прашуваа како едно 20-годишно момче со само неколку авторски песни ќе ја држи сцената неколку часа – одговорот дојде уште со првите тонови. Со својата авторска „Поље ружа“, Јаков го отвори концертот и веднаш ја освои публиката, која без двоумење го следеше – стих по стих, нота по нота.

Тоа што следеше беше чиста енергија. Искрена, млада, заразна.

Јаков не беше само изведувач – тој беше дел од публиката. Со насмевка, со леснотија и со вистинска љубов кон музиката, се движеше по сцената како дома. Разговараше со фановите, делеше вода, се смееше, се шегуваше – и најважно, чувствуваше. Во еден момент, како и на неговите претходни настапи, слезе меѓу публиката. Не за ефект. Туку за да ја допре таа енергија. Да ја доживее. Да ја врати назад.

Од „Боже чувај ја од зло“ – која ја отпеа на македонски, „Игри без граници“, „Либар“, „Оливера“ – па сè до неговиот најголем хит „Ја те волим“, арената пееше како едно. Илјадници гласови, една емоција.

Но вистинскиот момент кој ја одбележа вечерта дојде на самиот крај. Во тишината која следеше по последната песна, Јаков застана. Погледна кон публиката. И заплака.

„Тоа е тоа“ – беа единствените зборови кои успеа да ги изговори. Се заблагодари на македонската публика и само за момент не потсети дека тој е Јаков Јозиновиќ кој за чудо лета – како што е и наречена неговата балканска турнеја. Во тој момент, сцената не беше сцена. Беше душа. Искреност. Благодарност.

Видео: Култура24.мк

Момче од 20 години, со срце поголемо од арената, покажа што значи да живееш за музика.

По концертот, на прес-конференцијата, веќе посмирен и со насмевка, призна дека емоциите го совладале. „Тоа сме ние вагите“, рече низ шега – но сите знаеја дека тоа беше нешто многу повеќе од хороскоп. И можеби ќе има коментари. Дека нема доволно авторски песни. Дека е „прерано“. Дека е „феномен на моментот“. Но вистината е едноставна – ова не може да се објасни. Само да се почувствува.

Јаков Јозиновиќ не само што ја наполни арената. Тој ги наполни срцата.

Следната средба со македонската публика е закажана за 3-ти август во Охрид. До тогаш, оваа ноќ ќе се прераскажува, ќе се памети – и ќе се пее. Бидејќи некои концерти се слушаат. А некои – се доживуваат.

Текстот го напиша и подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: