Во прв ред

“OFF-Fest” од први до шести јуни во Скопје

Програмата на дванаесеттото издание на “OFF-Fest” носи шест богати фестивалски вечери, во кои ќе настапат познати и значајни музичари од Индија, Шпанија, Јужна Кореја, Турција, Колумбија, Велика Британија, Мароко, Сенегал, Финска, Словенија и од Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарец.

Годинешното издание на “OFF-Fest”, што ќе се одржи од 1-ви до 6-ти јуни во Скопје, ќе го отвори популарната индиска ситаристка “Anoushka Shankar” и нејзиниот актуелен рага-фламенко проект “Traveller”, со кој ја стекна номинацијата за наградата Греми и титулата Најдобар музичар на магазинот “Сонглајнс”. Втората фестивалска вечер скопските музички зависници ќе имаат прилика првпат да ја почувствуваат во живо магијата на музиката на турското “Taksim Trio”, а истата вечер ќе настапи и нашата гордост, тандемот Елена Христова и Горан Трајкоски со својот проект “Bioscopia”.

На 4-ти јуни ќе го видиме првиот состав од Словенија на “OFF-Fest”. Станува збор за бендот “Brina”, предводен од извонредно талентираната и меѓународно етаблирана пејачка Брина Вогелник. Најжешката вечер е, без сомнение, претпоследната, вечерта на 5-ти јуни, резервирана за “колумбиските Buena Vista SocialClub” – експлозивните “Ondatropica”, како и неверојатно моќната и хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација “Aziz Sahmaoui & University of Gnawa”.

“OFF-Fest 2013” ќе финишира на 6-ти јуни, со инспиративниот аудио-визуелен перформанс на финскиот виртуоз и револуционер на хармониката “Kimmo Pohjonen” и со концертот на фасцинантните јужнокореански инструменталисти “Tori Ensemble”. Во рамките на “OFF-Fest”, а во соработка со MakeDox, на 3-ти јуни, ќе биде прикажан документарниот филм за Kimmo Pohjonen “Soundbreaker”, а една вечер подоцна со свој ди-џеј сет ќе се претстави “Quantic”, во придружба на Frente Cumbiero, заедно познати под иметo “Ondatropica Sound System”.

Фестивалот годинава ќе се одвива на повеќе локации: Универзална сала, Салон на Македонската опера и балет, Кино Фросина и Арт-кафе Менада.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: