Во прв ред

По три децении Весна Змијанац се враќа во Скопје – „Борис Трајковски“ ќе пее во еден глас на 28 ноември (Фото)

По повеќе од три децении, една од најголемите музички легенди на овие простори повторно ќе запее пред македонската публика. Весна Змијанац на 28 ноември ќе одржи голем концерт во арената „Борис Трајковски“, како дел од јубилејната турнеја „Golden Tour – 50 години кариера“, со која одбележува половина век исполнет со безвременски хитови, незаборавни концерти и милионска публика низ регионот.

Интересот за нејзиното гостување во Скопје е толку голем што организаторите од Hype Продукција донесоа одлука концертот да биде преместен од арената „Јане Сандански“ во поголемата арена „Борис Трајковски“, со цел што повеќе обожаватели да имаат можност да бидат дел од овој музички спектакл. Сите досега купени влезници остануваат важечки и нема потреба од нивна замена. Јубилејната турнеја на Весна Змијанац започна на спектакуларен начин во Белград, каде што таа три вечери по ред настапуваше пред преполни Белградски арени, уште еднаш потврдувајќи дека вистинските музички легенди не ги диктираат трендовите – тие ги создаваат. Следната голема станица е токму Скопје, по што турнејата продолжува во Сараево, Загреб и Љубљана.

На вчерашната прес-конференција во Скопје, легендарната пејачка не ја криеше возбудата што повторно ќе настапи во македонската престолнина.

„Многу се радував што ќе дојдам, долго време не сум била во Скопје. Баш сум возбудена за овој мој концерт и се надевам дека ќе биде еден од моите најдобри концерти. Го сакам Скопје и македонскиот народ. Турнеите порано некако секогаш ги започнував од Скопје и ми се чини дека кога тргам од тука, некако имам среќа. Знам дека ќе биде убаво и весело, дека сите ќе пееме и едвај чекам“, изјави Весна Змијанац.

Таа не ја пропушти можноста јавно да му се заблагодари и на директорот на Hype Продукција, Саша Мирковиќ, истакнувајќи дека токму неговата упорност и професионалност биле пресудни повторно да се врати на големата концертна сцена.

„Саша прво знае да ја работи оваа работа, а второ, упорен е и кога нешто ќе науми, за него нема невозможно. Тој е одличен менаџер, прекрасен човек, пријател и другар. Благодарение на него се вратив на голема врата“, рече Весна.

Кариерата на Весна Змијанац трае цели пет децении, а нејзините песни одамна го добија статусот на безвременски хитови. Генерации пораснаа со нејзиниот препознатлив глас, а композициите што ги испеа станаа неизбежен дел од семејните прослави, концертите и најемотивните животни моменти. Токму затоа, концертот во Скопје не е само уште еден настап во календарот на турнејата. Тоа ќе биде вечер во која ќе се сретнат спомените, емоциите и музиката што успешно ги поврзува генерациите.

Организаторите најавуваат врвна продукција, богата концертна програма и вечер исполнета со најголемите хитови од богатата кариера на една од најзначајните регионални музички ѕвезди.

Концертот ќе се одржи на 28 ноември со почеток во 20 часот во арената „Борис Трајковски“, а влезниците се достапни преку платформата kupikarta.com. Половина век музика, безброј хитови и една легенда која повторно ќе застане пред македонската публика. Ако судиме според интересот, Скопје го очекува концерт што долго ќе се прераскажува.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: