По цела година подготовки, ентузијазам, снимања и искрена љубов кон музиката, во срцето на источна Македонија, во живописното село Владимирово, на 29-ти мај 2025 година, во преполнетиот Дом на културата „Ванчо Чавдарски“, се случи нешто што одамна недостасуваше на македонската фолк сцена – топол, емотивен и совршено организиран фестивал, кој со својата прва ревија веќе го запиша своето име во музичката историја. Се одржа првото фестивалско ревијално издание на „Фолк Фест Владимирово“.
Идејниот творец и организатор, маестро Горан Алачки, со својата визија и огромна поддршка успеа да го оживее духот на македонската фолк песна онаму каде што музиката допира до душата.

„Фолк Фест Владимирово“ не беше само фестивал. Тоа беше настан што ги спои традицијата, емотивноста, заедништвото и музичката вистина. Публиката, исполнета до последно столче во Домот на културата „Ванчо Чавдарски“, стана сведок на нешто многу поголемо од фестивал – сведок на враќање на македонските корени.

Но да почнеме од почеток.
Во духот на македонската традиција, селото Владимирово оваа година стана срцето на фолк музиката. На покана од маестро Горан Алачки, новинарските екипи на музичкиот портал „Музика24“ и интернационалниот портал „Свет – Аустралија“, заедно со дел од учесниците, имаа ексклузивна можност да пристигнат ден порано (28-ми мај) и да ја почувствуваат магијата зад сцената. Првото утринско кафе, подготвено лично од Маестро, беше само вовед во ден исполнет со музика, пријателство и незаборавни моменти со доајените на македонската фолк сцена – Драган Мијалковски, Перо Христов, Нино Величковски… На гитара, со песна и златни гласови, започна ден што ветува вистински празник за сите љубители на македонскиот звук.



Во срцето на руралната убавина, таму каде што времето тече побавно, а душата дише подлабоко, го доживеавме вистинското селско доживување. Заедно со учесниците прошетавме низ тивките сокаци, уживајќи во природната идила, звуците на изворите и непроценливата убавина што само селото може да ја подари. Радоста и мирот што ги најдовме таму се нешто што градот никогаш не може да го замени. Денот продолжи во фестивалската сала „Ванчо Чавдарски“, каде што генералната проба откри сцена полна со емоција и енергија, подготвена да ја пречека публиката. За кратко време започна генералната проба со настапи од реномирани пејачи, но и со тажната вест за отсуството на Виданка Ѓоргиева поради семејна трагедија.
Ја проследивме генералната проба, уживавме во звуците на најновите македонски фолк хитови, а потоа се упативме на прошетка низ селото – вистинска ризница на историја и автентична македонска убавина. Не пропуштивме ниту да ја овековечиме атмосферата со неколку фотографии од ова инспиративно и живописно место.

Следниот ден, 29-ти мај – четврток, ден полн со значење и радост, не само за сите нас, туку особено за мештаните на Владимирово. На овој голем ден тие го празнуваат Спасовден – ден на духовната светлина, собир и заедништво. Но оваа година, празникот добива уште едно значење – почетокот на една нова традиција. Од оваа вечер, центарот на селото Владимирово ќе пулсира во ритамот на музиката, играта и народната радост, со првото издание на „Фолк Фест Владимирово“.



На сцената прв блесна Драган Мијалковски, отворајќи ја вечерта со моќната и емотивна изведба на „Тука сум роден јас“ — песна која не само што го отвори фестивалот, туку и го заокружи чувството на припадност и љубов кон татковината и селото Владиморово. Публиката потоа уживаше во настапите на еминентните уметници: Круме Спасовски, Жаклина Узунова, Ленче Кукиќ, Благоја Грујевски, Наум Петрески, Перо Христов, Ванчо Тарабунов и многу други, кои низ своите интерпретации создадоа вистински мозаик од емоции, ритам и традиција.
Кога тишината зборува погласно од аплаузите – тогаш знаете дека сте сведоци на нешто искрено, длабоко и вистинско. Настапот на Жаклина Узунова со автобиографската песна „Засекогаш“ беше момент што се врежува во срце. Во тишината што го следеше последниот тон, се слушнаа најгласните емоции — болка, љубов и сила. Со искреност во гласот и солзи во очите, Жаклина не само што ја испеа песната, туку ја преживеа уште еднаш пред сите. Публиката не аплаудираше веднаш – зашто понекогаш тишината е најголемиот знак на почит.

Фестивалот понуди вистинска музичка палета, обединувајќи жанровски различни, но традиционално вкоренети изведби. Од веселите звуци на „Ракија се пече“ на Ленче Кукиќ на која што сите позитивно и весело реагираа, преку урбано-фолк изразот на Горан Кукиќ, до носталгичната „Стара ламба“ на Нино Величковски, публиката уживаше во редок спој на стилови што ја слават истата музичка традиција.

Завршницата од вечерта беше вистинска магија – како сцена од највпечатлив филм. „Наша Македонија“ одекна моќно, исполнета со љубов и гордост, иако ја немаше Виданка Ѓоргиева, нејзиниот дух се чувствуваше во секој стих. Кукиќ, Лазова и Узунова, заедно со сите учесници, пееја со срце што трепери, а публиката возврати со стоечки овации и солзи во очите. Камерите на МРТ го доловија секој миг – секоја емоција, секој поглед, секоја трепетна нота. Тоа не беше само настап – беше спој на срца, гласови и душа. Вечер што ќе се памети засекогаш.

Со само четири до пет камери, Македонската Радио Телевизија обезбеди телевизиско покривање достојно за најголемите фестивали. Без технички пропусти, со внимателно избрани кадри и беспрекорни преливања, МРТ покажа како со ограничени ресурси може да се постигне врвен квалитет. Аудиото беше прецизно балансирано, јасно и професионално обработено, без вообичаените проблеми што ги гледаме дури и на поголеми настани. Ова е доказ дека кога постои посветеност и знаење, резултатот може да биде на европско ниво – дури и надвор од големите центри.
Фестивалот, иако ревијален, пулсираше со енергија на вистински музички мегдан. Не се доделуваа награди, но секој настап беше борба – не за трофеи, туку за аплаузот и љубовта на публиката. Меѓу присутните новинари често се слушаше паралелата со златните денови на „Фолк Фест Валандово“, што само ја засили вербата дека „Фолк Фест Владимирово“ има потенцијал да прерасне во нов симбол на македонската фолк култура. Со одлична организација, силна енергија и искрена љубов кон традицијата, фестивалот веќе ги поставува темелите за едно ново, значајно музичко случување на домашната сцена.

„Фолк Фест Владимирово“ оваа година ни подари песни што допираат до душата и ја будат носталгијата за убавото македонско. И следното издание ќе биде ревијално, со новитети што ветуваат уште поголемо уживање, магијата останува иста – песната, емоцијата и љубовта кон фолкот. Можеби ќе има само една награда – онаа новинарската, од седмата сила, но најголемата награда е онаа што публиката ја носи во срце. До следната година, нека песните одекнуваат во вашите домови и нека ве потсетуваат на тоа колку е силна музиката кога доаѓа од душа.
Наскоро – ексклузивно интервју со Маестро Горан Алачки, направено веднаш по завршувањето на првото издание на „Фолк Фест Владимирово“, само на Музика24.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
