Во една прекрасна атмосфера на Пациото на Завод и Музеј, Битолскиот камерен оркестар и пријателите го претставија досега најголемиот проект на Камерниот оркестар – Rock Symphony. Публиката во Битола покажа голем интерес за рок операта која го преполни просторот на пациото собирајќи близу 1000 гости. Камерниот оркестар од Битола заедно со Ѓоко Танески, Наде Талевска, Бојан Стојков, Ирена Димовска (Памперс), Нико Ѓоргиевски, бенд и хор, направија да се долови вистинскиот впечаток на она што значи светско, а наше.
“Ми беше чест што бев дел од еден ваков концерт, каде што повеќето или најголемиот дел беа од Битола, само јас и Ѓоко бевме однадвор. Огромна чест што ја добив таа покана. Многу ми е драго што успеав да се организирам и да дојдам тука да настапам. Прекрасно искуство. Оркестарот заедно со бендот звучеа светски. Јас се воодушевив”, изјави за Музика24 поп пејачката Наде Талевска. Битолската публика знаеше да даде прекрасен одговор со огромни аплаузи и вистинска забава, на крај заблагодарувајќи се на камерниот оркестар и изведувачите со зборовите: “You rocked”… Ви благодариме за прекрасната музичка вечер.
“Секогаш е предизвик да се настапува пред битолската публика и со камерен оркестар, затоа што обожавам да пејам во живо. Обожавам предизвик кога се во прашање песни како што се “The show must go on”, кои е тешко да се изведат во вистинска интонација, но јас ете смогнав сили и го направив тоа. Исто така, дружењето е пред се. Битолската публика е феноменална и знае да ужива во тоа што го гледа и слуша”, изјави за Музика24 поп пејачот Ѓоко Танески. Во Rock Symphony на “Бит Фест” беа изведени најголемите рок хитови на сите времиња меѓу кои: “We are the champions”, Rock you like a hurricane”, “Full for your loving”, “The show must go on”, “Barcelona”… и многу други.
Подготви: Јовица Пауноски
