Од 20-ти до 22-ри јуни се одржаа “Златните кратовски денови”, со одлични артисти кои пленија со својот талент и традиција, да приредат забава за сите посетители. Првата вечер беше вистинска еуфорија, а младите го опседнаа хотелот “Кратис” во центарот на градот, каде беа сместени ѕвездите на “X Factor” – Даниел Кајмаковски, Маид, Тамара и “Доктори”.



На сцената прво настапија Коки и “Тајфата”, “Љубојна”, а потоа ѕвездите на регионалниот “X Factor”. Кратово како да заживеа за момент. Кратовчани уживаа во целата весела атмосфера. Вториот ден настапија локалните бендови, романтичниот Алекса, многу млади DJ-и од регионот, додека преку ден “Доктори” и Тамара го истражуваа Кратово. Во вечерните часови, се одржа Европскиот фестивал во тамбури и уште еден одличен настап на “Доктори”, надополнет со извонредните “Оџила” од Белград. Публиката уживаше во одличните настапи на тамбурите кои од целиот Балкан пристигнаа во Кратово. По нив со својот втор настап “Доктори” и Тамара покажаа дека се вистински ѕвезди во Македонија. Составот “Оџила” пак, со својата енергија и харизма ја надополнија оваа одлична вечер под отворено небо во еден од најубавите градови во државата. Забавата продолжи на базенот, каде ДЈ Шорти П ака Панчо ја забавуваше публиката до раните утрински часови.
Третиот, последниот фестивалски ден беше наменет за најмладите и даде одличен завршеток на “Златните кратовски денови”, кога настапија “Златните славејчиња” со своите најголеми хитови, а најмладите се забавуваа и пееја во еден глас со најпознатите детски ѕвезди. “Златните кратовски денови” ќе станат традиција, најави претставник од Општина Кратово.
Подготви: Валентина Ѓоргиевска Парго
