Како што не известуваат нашите соработници од Дирекцијата за култура и уметност, утре вечер 4-ти ноември со почеток во 20:30 со концертот на камерниот оркестар „Ба-Рок” свечено ќе се отвори овогодинешното издание на манифестацијата „Есенски музички свечености”.
Овој камерен оркестар го сочинуваат: Климент Тодоровски и Јане Бекевски – виолини, Марија Георгиева – виола, Кирил Јосифов – виолончело, Митко Иванов – контрабас, Марија Јакимовска – Флејта / пиколо, Татијана Петрушевска и Ѓорѓи Петрушевски – обои, Марјан Милошевски – фагот, Теодор Теодосиевски – ударалки, пеачи: Биљана Јосифов – сопран, Николина Јаневска – мецосопран и Драган Ампов – баритон. Диригент/чембало: Иван Еминовиќ, додека пак режисер е Љупка Јакимовска.
Членовите на ансамблот „Ба-Рок” својот прв заеднички настап го имааат на Мајските Оперски Вечери 2021 година во продукција на Македонската Опера и Балет со претставата „Игри на животот” на која се изведе музика исклучиво од Барокот. Од таму произлезе идејата да продолжат да дејствуваат како ансамбл негувајќи ја Барокната музика, имајќи ја во предвид раритетноста на изведување на ваков музички стил во Република Македонија. Самата комплексност на Барокниот стил, бара од изведувачите голема виртуозност и висок професионализам, што е одлика на сите членови од ансамблот. Секој член на ансамблот е солист во оркестарот, пејачите се носители на главни улоги во повеќето оперски претстави на сцената на МОБ. Предводени од диригентот Маестро Иван Еминовиќ кој ја зазема и позицијата на чембалист во ансамблот и добро организирани од страна на професионален режисер тие се стремат да ги достигнат светските трендови и критериуми за изведба на исклучителен Барокен перформанс, преку пристапот и начинот на изведба ќе се обидат да го воздигнат програмското и изведувачко ниво, а со тоа и да понудат можност и да разбудат интерес кај публиката за градење на свој вкус и категоризација на уметноста со високи вредности.
