Во прв ред

Со одлична музичка забава во центарот на Прилеп, Прилепска Пиварница прослави 100 години од своето постоење (Фото)

Во саботата, 13-ти јули, Прилеп беше центарот на забавата и музиката во Македонија, а за сето тоа беа најзаслужни организаторите од Прилепска Пиварница кои ја изменаџираа целата манифестација на највисоко можно ниво. Одлична музичка програма, ладно пиво и безалкохолни пијалоци по пристапни цени, прилепчани како добри домаќини сето тоа одлично го спакуваа во настанот со кој Прилепска Пиварница прослави 100 години од своето постоење.

Публиката која беше дојдена речиси од сите градови од Македонија на самиот почеток ја забавуваше македонски ди-џеј, а потоа и познатата македонска популарна група ДНК, за по нив на големата импозантна сцена да се појават и познатите и популарни „Тропико бенд“. На крајот како јаготка на шлагот, на сцената да се појави и ѕвездата на овој голем концерт – балкански познатата и вонсериска пејачка Марија Шерифовиќ.

И не беа презадоволни само посетителите. Истата роденденска еуфорија ја споделија и музичките артисти, кои искрено и несебично и посакаа на Прилепската Пиварница да слави уште многу вакви среќни родендени и успешни јубилејни приказни.

„Има страшно добра публика и многу убаво се линкуваме со прилепчани и секогаш кога и да сме дошле ни дале многу убава енергија и секогаш ни е драго кога и да дојдеме и ние би биле ништо без нив. Ова е нешто слично на „Пивофест“, само што има многу повеќе љубов и енергија, бидејќи славиме една голема бројка и кога ќе се помеша со пиво, кое за Андреј не е алкохол и љубов со многу добра публика, не може да не биде добро. Нека им е среќен роденденот. Во оваа земја 20 години да издржиш, треба споменик да ти изградат, не пак 100 години. Ние веруваме дека уште 100 години ќе траат затоа што имаат многу добро пиво. Да сме живи“, порачаа Андреј и Панчо од ДНК

„Многу ни е убаво. Во Прилеп сме веќе по трет пат. Си се знаеме со публиката со која сме си стари другари. И посакуваме среќен 100-ти роденден на Прилепската пиварница. Сите да сме живи и здрави уште 100 години“, изјави фронтменот на „Тропико бенд“, Александар Цветковиќ – Сале.

„Јас не сум некој љубител на пивото, не конзумирам пиво, но бидејќи денес е многу тешко на Балканот да се одржи нешто што има традиција, јас посакувам еве уште 100 години да слави Пиварницата. Јас искрено се радувам на секое мое доаѓање во било кој град на Балканот, така што сакам да видам какви луѓе се тоа, каква енергија носат, колку тука има љуов за мене…така што кога и да сум дошла во Македонија, јас се чувствувам како дома“, рече Марија Шерифовиќ.

За време на одличниот настап на секогаш одличната и оргинална Марија Шерифовиќ организаторите публиката ја изненади со интересен, долг и навистина возбудлив огномет кој заедно со гласот и музиката на оваа пејачка беше вистинско доживување, за сите присутни.

На крајот ќе напоменеме дека со ова и не завршува прославувањето на 100 годишниот јубилеј. Од Прилепска Пиварница најавија дека до крајот на оваа година низ Прилеп јубилејот ќе се прославува низ низа културно-забавни настани.

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Музика24 / Марјан Огненовски – Фабрика продукција

Можеби ќе ве интересира: