На 2 август, кога Македонија го одбележува Илинден, Битола ќе биде домаќин на еден од најголемите музички настани во земјава ова лето. Светски познатиот диџеј и продуцент Steve Aoki, препознатлив по своите енергични настапи, спектакуларната сценска продукција и милионската публика ширум светот, ќе настапи со бесплатен концерт на стадионот „Петар Милошевски“.
Настапот ќе го означи почетокот на одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија, прослава која ќе трае во текот на наредниот период и ќе кулминира на 8 Септември.
Организаторите, Авалон продукција, најавуваат вечер исполнета со врвна електронска музика, модерна продукција и атмосфера каква што ретко се гледа на домашната сцена. Покрај Steve Aoki, публиката ќе има можност да ужива и во настапите на CYRILLIC, TASEV, MONARCH и FACE, кои ќе го комплетираат целовечерното музичко доживување.

Најголемото изненадување за публиката е што влезот за концертот е целосно бесплатен, со што се очекува во Битола да пристигнат посетители од сите делови на Македонија, но и од соседните земји. Со овој спектакуларен музички настан започнува јубилејната прослава на 35 години независност на Македонија, а Битола на Илинден ќе стане центар на забавата, музиката и заедничкото славење.
Доколку сте љубител на електронската музика и сакате да бидете дел од настан кој ќе се памети долго, 2 август е датумот што треба да го резервирате – дестинацијата е Битола.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
