Вечерва на првиот програмски сервис на Македонската телевизија започнува долго најавуваното музичко натпреварувачко шоу “Сите наши песни”. Точно во 20.45 ќе се запалат камерите и ќе започне да се емитува првото издание на ова музичко шоу, чии домаќини се Каролина Петковска и Димитар Атанасовски. Во вечерашната емисија, учесниците кои ќе се појават на сцената ќе пеат песни од композиторите Александар Џамбазов и Роберт Билбилов кои ќе бидат и дел од малото стручно жири. Дел од ова жири ќе биде и Тамара Тодевска, која пак, со Биг Бендот на МРТ ќе ја исполни песната “Залудно е”, песна која што ја отпеа на минатогодишното издание на Скопскиот фестивал.
Како што не информираат од МРТ, во вечерашната прва емисија своите гласовни способности ќе ги одмерат таленти од градовите Прилеп и Тетово. Од Прилеп на сцената ќе се појават: Наташа Седлоска, Ален Хасановиќ и Ангела Ѓуричанин, додека од градот под Шара ќе ги видиме: Марија Зафировска, Миќо Стојчески и Даниел Мерџановски. Интересно и за пофалба е тоа што во секоја емисија ќе се изведуваат најголемите хитови од македонската забавна музика во придружба на Биг Бендот во живо. Се надеваме дека и ова музичко шоу ќе биде дел од вашето внимание, не заборавајте МРТ прв програмски сервис 20.45, “Сите наши песни”.
Подготви: Редакција Музика24
