Тие ни доаѓаат од градот под Марковите кули – градот Прилеп. Го сакаат рокенролот и за него живеат, со него се будат и легнуваат. Се почесто слушаме за нив и за нивните настапи, концертни појавувања и успеси. Почитувани наши, ви ја претставуваме рок групата “The Hounds”. Како започнале, кои се нивните проекти, дали ги препознаваат, дали се чуствуваат славни и… многу повеќе во интервјуто кое што само за вас го подготви нашата дописничка од Прилеп Маринела Каранфилоска.
Музика24: Долго време за Вашата група речиси и да не знаевме. Но, изминативе неколку години наназад се почесто и почесто се појавувате на македонските медиуми, и на тој начин и пошироката јавност Ве запозна. Како дојде до идејата да ја формирате рок групата “The Hounds” и кој беше главниот “виновник” за тоа?
The Hounds: Се се случи спонтано. Претходно сите свиревме во различни бендови и на крајот, но далеку од крајот (се смее), во име на РокЕнРолот се случија “The Hounds”.
Музика24: Вашата група се состои од четворица млади членови, па кажете ни за секој од Вас кој каква улога има и едноставно претставете се пред сите оние кои можеби не Ве знаат и од утре веќе ќе бидат ваши верни фанови?
The Hounds: Златко Карчески (вокал и бас гитара), Јане Петкоски (гитара и “back”-вокали), Крсте Карчески (гитара и “back”-вокали) и Илија Мирчески (тапани). Чест ни е да најавиме, дека работиме на интересен проект, така што “фамилијата” Хаундс за брзо време ќе се прошири, односно со нас ќе музицира Дарко Илиески а.к.а DJ Mamlyooo. Секој придонесува на свој начин, најважно е што многу добро функционираме и уживаме во тоа што го работиме.
Музика24: Ваша база и вашите почетоци се во родниот град Прилеп, кажете ни освен настапите во Прилеп, каде се низ Македонија настапувате и кои се деновите кога можеме да ве видиме со одредена свирка, настап или концерт во некои од кафулињата или клубските места?
The Hounds: Свириме во секој град од Македонија што може да ви падне на памет. Имаме стекнато многу пријателства и многу позитивни искуства во сите градови каде што сме настапувале.
Музика24: За сево ова време откако имате настапи, како публиката ве прифаќа и дали се задоволни тие од вашата музика и Вие од нив како публика?
The Hounds: Можеме да кажеме дека одлично ни оди. Што се однесува до публиката, мислиме дека феноменот “верни фанови” не постои, односно, секоја љубов и доверба треба да биде заслужена, т.е. сите ќе те слушаат ако понудиш нешто интересно, поразлично и нормално-квалитетно.
Музика24: Кон крајот на минатата година снимивте дует со познатиот рапер Тони Зен, кажете ни дали и во иднина ќе продолжи оваа практика, односно да снимите дует со некоја по познатите поп, а зошто да не и турбо фолк изведувачи/чки во Македонија?
The Hounds: Немаме ништо против соработки, но не по секоја цена. Со сета почит кон “турбо фолк” колегите, во иднина не гледаме наш потпис на таa музика.
Музика24: Досега имате доста снимени песни позади вас, кога може да очекуваме албум? Дали тоа го планирате по летниот период или некаде кон крајот на годината?
The Hounds: Конкретен датум за албум не можеме да дадеме, но со сигурност можеме да објавиме дека се ближи нов сингл. Песната се вика “Да дишеме слободно” композитор е Кирил Бабамов, а текстот е на Весна Малинова.
Музика24: И за самиот крај на ова наше интервју, кажете ни што може во идниот период вашите фанови да очекуваат од вас, кои се вашите идни планови и каде се може да ве видат со настап или свирка?
The Hounds: Како што кажавме, најблиску е “Да дишеме слободно”, а во врска со настапите, ги пишува на нашата веб-страна www.thehounds.mk и нашиот фејсбук фан-пејџ, посетете не. Поздрав
Интервјуто го подготви: Маринела Каранфилоска
