Во прв ред

Вевчанскиот карневал 2025: Традиција, смеа и уникатно доживување (Фото)

Вчера, 3-ти јануари (петок), 2025 година со почеток во 11 часот, во ресторанот „Пелистер“ на градскиот плоштад Македонија во Скопје, се одржа прес-конференција на која беа обелоденети сите детали и поединости, како и целокупната музичка и културно-уметничка програма, изведувачите и саатницата за годинешниот „Вевчански карневал“, кој ќе се одржи од 12-ти до 14-ти јануари 2025 година.

На настанот присуствуваа многубројни претставници на македонските медиуми, градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски, како и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Градоначалникот Кочовски говореше за богатата традиција и значењето на „Вевчанскиот карневал“, истакнувајќи дека оваа манифестација има и забавен и општествено-политички карактер. Преку маските, игрите и движењата на василичарите, на сатиричен начин се истакнуваат и исмеваат негативните појави и аномалии во општеството од изминатата година.

Тој нагласи дека општина Вевчани е целосно подготвена за годинешниот карневал, кој има меѓународна репутација и е дел од светската асоцијација на карневалски настани. Градоначалникот ги повика медиумите и сите љубители на традицијата да го посетат Вевчани во текот на карневалските денови.

Министерот Љутков го потенцираше значењето на карневалот како дел од многувековната традиција, но и како средство за културна промоција на Македонија на светската туристичка мапа.

Програмата за „Вевчанскиот карневал 2025“ ќе биде исполнета со богата музичка содржина:

12 јануари (недела):

  • Настап на македонскиот трапер Пајак
  • Концерт на поп-рок групата „Ареа“
  • Завршница со легендарната група „Забрањено пушење“

13 јануари (понеделник):

  • Концерт на етно-поп групата „Љубојна“
  • Настап на Наум Петрески
  • Традиционална музика со „Оркестарот со зурли и тапани Вевчани“
  • Завршница со Перо Бели и Коки – Биоритам

Организаторите ветуваат незаборавно доживување, многу забава, оригинални маски и вевчанско гостопримство за сите посетители на „Вевчанскиот карневал 2025“.

Можеби ќе ве интересира: