Како што дознава музичкиот портал Музика24, се е подготвено за годинешното издание на Вевчанскиот карневал, најпознатиот бренд на Македонија, што традиционално ќе се одржи од 12-ти до 14-ти јануари. Од Општина Вевчани најавуваат уште едно издание со богата културно уметничка програма која ќе ги задоволи вкусовите на сите посетители.
„Ќе има забавен дел и на 12-ти и на 13-ти нормално знаете Вевчанскиот карневал на 13-ти и 14-ти веќе постапката во Македонија секому му е јасна околу Вевчанскиот карневал. Значи како што ќе има музички дел со повеќе групи, оваа година на 13-ти ќе има и некои изненадувања“, вели Спасе Кочоски градоначалник на општина Вевчани.
Музика24 дознава дека годинава на Вевчанскиот карневал и на нивната сцена ќе настапат: Ласт Експедишн, Брука, Фиц и д‘ Инвизибл, ДНК, Некст Тајм, Баклава, Гиш, Прпл Цепелин, Банда Ентопика, Нино Величковски со кумановските тамбураши и локалната ѕвезда Перо Бели.
Вевчанци и годинава се верни на традицијата, маските се подготвени, но до 13-ти јануари до самото дефиле се држат во строга тајност. Така е со векови. Карневалот се смета за една од најстарите традиции во земјава.
„Очекуваме поголем број на гости, времето е убаво, а Вевчани е отворено и подготвено. Стандардно како и секоја година ќе има многу забава а се надевам дека сите ќе се задоволни“, додава Кочоски.
Традиционалното дефиле на маски, ќе се случи околу пладне на 13-ти јануари, а завршува следниот ден со палење на маските. Пишаните извори сведочат дека Вевчанскиот карневал е стар најмалку 1.500 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат дека карневалот постои околу 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на паганските со христијанските обичаи.
