Како што дознава музичкиот портал Музика24, на 25-ти октомври 2025 година (сабота), Владимирово, ова мирно беровско место ќе биде центар на вистински музички спектакл. Во фестивалската сала „Ванчо Чавдарски“ ќе се одржи целовечерен концерт на еден од најголемите доајени на македонската естрада – Драган Мијалковски.
Публиката ќе има ретка можност во живо да ги слушне неговите безвременски хитови, меѓу кои се:
„223-305“, „Кажи ми“, „Ти си ми се“, „Оди си“, „Гулабица“, „Гитаро моја“, „Дојди Лено на перниче бело“… и многу други кои веќе со децении се дел од македонското музичко наследство.
Организатор на овој голем културен настан е Културниот центар „Горан Алачки“, кој за Музика24 ексклузивно откри дека вечерта ќе биде дополнета со многу хумор и позитивна енергија. На сцената, покрај Мијалковски, ќе се појави и најпознатиот „малер“ на сите времиња – Тошо Малерот, кој со своите легендарни анегдоти, приказни и догодовштини ќе се погрижи за одлична атмосфера и многу насмевки.
„Очекуваме вечер исполнета со емоции, смеа и носталгија. Мијалковски е симбол на македонската песна, а неговите настапи секогаш се искрени и полни со душа“, велат организаторите.
Концертот во Владимирово се најавува како еден од најубавите настани оваа есен, кој ќе ги обедини љубителите на вистинската македонска песна и добриот хумор. Влезниците за овој голем музички спектакл можете да ги набавите во Ена Фарм и Вива Нет во Берово и во Макадам во Владимирово, по цена од 600 денари.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
