Во градот под Исарот – Штип, денес, 23-ти октомври 2025 година, започнува 40-тото јубилејно издание на еден од најпознатите и најреномирани македонски фестивали на забавна музика – „Макфест“. Овој фестивал, кој четири децении е симбол на македонската мелодиска традиција и откривач на нови музички имиња, повторно ја претвора штипската сцена во центар на домашната естрада.
Како што дознава музичкиот портал Музика24, сите технички подготовки, сценографијата и организациските детали се целосно завршени, а сцената е подготвена да ги пречека изведувачите и публиката на ова значајно јубилејно издание.
Околу 12 часот денеска во Домот на културата ќе се одржи првата официјална прес-конференција со и за новинарските акредитирани екипи од цела Македонија. На неа ќе бидат соопштени сите детали поврзани со фестивалот, програмата и вечерните настапи, како и дел од изненадувањата што ги подготви организацискиот тим. Веднаш по завршувањето на прес-конференцијата, градоначалникот на град Штип, уметничкиот директор, продуцентот и дел од организацијата на „Макфест“ ќе го кренат фестивалското знаме, со што и официјално ќе биде означен почетокот на овогодинешното, 40-то издание.
Вечерва започнува првата фестивалска вечер, позната како „вечер на младите надежи“, кога ќе настапат нови и помалку афирмирани изведувачи кои ќе се обидат со својата песна да го освојат срцето на публиката.
Честа да го отвори јубилејното издание ја има младиот и веќе препознатлив Влатко Иљачев – Валдера, кој ќе ја изведе својата емотивна балада „Сега збогум“, песна што ветува момент на искреност и длабоки чувства. Покрај него, публиката ќе ужива во настапите на Стефан Ефремов (учесник во минатогодишното „IDJ Show“), Агни Авшар, Елена Наумова, Катерина Јовановиќ, Дино Петриќ (гостин од Хрватска), Санела Шукриевска, и уште неколку млади музички имиња кои ветуваат блескава иднина на македонската сцена.
Фестивалската програма продолжува утре, 24-ти октомври, со вечерта на познатите и афирмирани изведувачи, а третата вечер ќе биде целосно посветена на јубилејот – 40 години „Макфест“. Тогаш, на сцената ќе се појават дел од најголемите имиња во историјата на фестивалот, македонските победници и автори на безвременски хитови кои ја обележаа македонската поп сцена.
Во следните неколку дена, Музика24 ќе биде во Штип и дел од овој голем јубилеј, од каде ќе известува директно за сите фестивалски случувања, настапи и моменти кои ја прават оваа манифестација посебна. Останете со нас – читајте музика на Музика24.
