По низата распродадени концерти низ Европа, легендарниот виртуоз на гитара, Влатко Стефановски, ќе ја заокружи својата 50-годишна музичка кариера со ексклузивен концерт на 9-ти мај во Македонската филхармонија.
Ова музичко патување ќе ја одрази неговата извонредна кариера – од култната група „Леб и сол“ до неговата успешна соло работа. Со спој на инструментален рок, етно-џез, блуз и македонска традиционална музика, Стефановски и неговите гости ќе ја одведат публиката низ безвременските звуци што ја обликуваа музичката сцена на Балканот.
Роден во Прилеп во 1957 година, Влатко од младост покажува неверојатен талент за гитара. Неговата работа со „Леб и сол“ внесе нова димензија во македонската музика, комбинирајќи ја традицијата со современиот рок звук. По распадот на групата, неговата соло кариера донесе бројни албуми, соработки со светски музички имиња и признанија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и почесен докторат од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Со својата виртуозност и неприкосновен стил, Влатко Стефановски остави траен белег во музичкото наследство на регионот. Концертот во Македонската филхармонија ќе биде прослава на неговата уметност, страст и долгогодишен придонес кон светската музичка сцена.
