Најголемиот македонски амбасадор, Влатко Стефановски, вечерва на Античкиот театар ќе прослави половина век музичка кариера во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе започне во 21 часот.
Стефановски е основач на „Влатко Стефановски Трио“, и еден од основачите на групата „Леб и сол“ во која Стефановски бил гитарист, пејач, композитор и автор на текстови. За време на дваесетгодишното постоење, групата „Леб и сол“ снимила 12 албуми, една двојна компилација, и музика за различни намени: филмски и театарски претстави, како и телевизиски серии. Првите соло-настапи на Стефановски започнале во почетокот на 1990-тите, а заедно со Бодан Арсовски во 1990 година го издал првиот македонски компакт- диск, со музика за рок-балетот „Зодијак“. Во 1994 година, Стефановски го снимил својот прв самостоен албум, „Каубои и индијанци“.
