На 24-ти октомври во Домот на АРМ во Скопје, се одржа 21-то издание на интернационалниот фолк фестивал “Филиграни 2014” кој оваа година донесе 19 нови свадбарски песни и фолк рефрени кои ќе се пеат и паметат. Во преполната сала стартуваше 21-то издание на фестивалот, со богата сценографија и одличната организација од страна на директорот на фестивалот Зоран Десковски, може да кажеме дека истиот претставува репер на фолк фестивалите во Македонија, а и надвор од неа. Водител на фестивалот традиционално како и изминативе 20 години, беше познатата тв водителка од Македонската телевизија Катерина Стојановска-Десковска.
Во Филигранското шоу, беа испеани хитовите: “Блага мајка син си родила” – Благица Хаџи Павловска, “Цветанке моја” – Зоран Дамјанов, “Точи Лино џумајлиско вино” и “Македонијо за ништо не те даваме” – Влатко Вучков, “Ајде сите на оро” – Ани Малинкова, “Убава девојка” – Деси Добрева од Бугарија и Ристе Тушевски со “Јацино оро”.
За најслушана песна помеѓу двата фестивали беше прогласена песната “Далеку од очи, далеку од срце” во изведба на Васко Форти. А останатите награди кои беа доделени на 21-то филигранско издание се:
• Награда за дебитант и припадна на Вики Филипова од Германија
• Награда за текст доби Благица Хаџи Павловска за текстот на песната “Крштевај Св.Јован, крштевај”
• Наградата за аранжман во спомен на Јанко Узунов му припадна на Ристе Тушевски за песната “Валандовски свадбари”, додека пак
• Најсвадбарска песна оваа година беше прогласена песната на Орце Стефковски “Нозе не ме држат”
• Награда за најдобар сценски настап доби Влатко Алексовски
• Наградата пак за интерпретација и беше доделена на Благица Хаџи Павловска за песната “Крштевај Св.Јован, крштевај”.
• Награда за најдобро МАНЕ му припадна на господинот Демо Шавлев во песната “Песната македонска” во интерпретација на Вики Филипова од Германија
Наградите од публика се доделуваа според следниот редослед:
• 3 награда од публика доби Мето Богданов за песната “Џабе им е џабе”
• 2 награда од публика доби песната “Завет љубовен” во изведба на Петар Нечовски и
• 1-та награда од публика и беше доделена на Јулија за песната “Мајко божја”
Наградите од стручното жири, кое пак беше составено од Зоран Десковски – Директор на “Филиграни”, Захари Чернев – познат пејач од Бугарија, Сања Ѓорѓиевска, Јовица Стојчевски, Тања Крстевска – Магистер по музика и Бранко Николовски – Претседател на советот, беа доделени по следниов редослед:
• 3-та награда од стручното жири ја доби Ордан Ристески од Германија за песната “За тебе сине”
• 2 награда од стручното жири и припадна на Вики Среброва за песната “Љубов неверна”, додека пак
• 1-та награда од стручното жири ја добија Јадранка и Ристе Тушевски со “Валандовските свадбари” за песната “Валандовски свадбари”.
Гран При наградата во спомен на Војо Стојаноски ја доби песната “Бегај, бегај”во изведба на Душко Ѓеорѓиевски. А Гран При наградата во спомен на Гоце Арнаудов на овогодинешното издание на интернационалниот фолк фест “Филиграни 2014”, отиде во рацете на Зоран Дамјанов и Милица Кузмановска за песната “Месечино моја”.
Подготви: Редакција Музика24
