Во прв ред

Здравко Чолиќ со трет концерт во Скопје – музичка магија со симфониски оркестар (Фото)

Публиката во Скопје ќе има уште една можност да ужива во уникатното музичко доживување на Здравко Чолиќ, кој поради огромниот интерес ќе одржи и трет концерт на 21 март во арената „Јане Сандански“. Двата претходно најавени концерти, закажани за 18 и 19 март, се целосно распродадени, што само ја потврдува безвременската популарност на балканската музичка легенда.

Ова ќе биде негов прв настап во македонската престолнина по шест години пауза, но овојпат во сосема ново издание – во придружба на симфониски оркестар од 50 врвни музичари, составен од Биг бендот од Нови Сад и оркестарот на Операта на Српскиот народен театар. Аранжманите за оваа музичка екстраваганца ги подготви реномираниот диригент Федор Вртачник, кој со својата визија ги оживеа хитовите на Чолиќ во сосема ново светло.

„Со години пријателите и соработниците ме убедуваа да направиме концерт со голем оркестар. На иницијатива на Федор Вртачник го покренавме проектот, а јас целосно му препуштив да ги одбере песните што ќе добијат ново симфониско руво“, изјави Чолиќ.

Концертот ќе биде поставен во специјален амбиент, при што салата „Јане Сандански“ ќе биде целосно со места за седење, овозможувајќи им на посетителите да уживаат во оваа ексклузивна музичка вечер со врвен квалитет.

Организаторот ги повикува сите љубители на музиката да не ја пропуштат оваа ретка прилика за доживување на Чолиќ во едно поинакво, симфониско издание.

Можеби ќе ве интересира: