Во атмосфера исполнета со енергија, емоции и рокенрол, македонскиот трибјут бенд „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme“ приреди спектакуларна вечер за паметење во скопскиот мјузик бар „Интермецо“.
Предводени од врвните музичари Стевче Грозданов (гитара) и Зоран Рудан – Цеки (вокал), бендот не само што ја одржа својата препознатлива трибјут магија, туку направи и значаен чекор кон сопствен музички израз со промоцијата на својата прва авторска песна – „Сувенир из Сарајева“.
Во присуство на пријатели, соработници и претставници на медиумите, познатиот музички новинар и ТВ водител Антонио Димитриевски ги запозна присутните со деталите за ова ново музичко дело. Авторите на песната, Саша Драгиќ (музика), Владимир Митровиќ (текст) и Стевче Грозданов (аранжман), создадоа композиција што ја оживува автентичната атмосфера на сараевската рок школа од 70-тите и 80-тите.
Песната беше придружена со видеоспот во режија на Александар Ристовски – Принц, во кој се појавува и познатата македонска актерка Катерина Шехтанска. Како што истакна Димитриевски, изборот на јазикот и насловот не се случајни – бендот има за цел да го освои поширокиот екс-ЈУ регион, а првите настапи надвор од Македонија, вклучувајќи го оној во култниот сараевски клуб „Слога“, веќе се во тек.
По премиерната изведба на „Сувенир из Сарајева“, вечерта продолжи со двочасовна музичка екскурзија низ легендарниот репертоар на „Бијело дугме“, изведен „верно на оригиналот“. Емотивниот набој, беспрекорната свирка и несебичната посветеност на бендот ја претворија оваа вечер во вистински музички спектакл.
Публиката, презадоволна и со срцата полни со спомени, си замина дома со еден „сувенир во душата“ – ноќ што долго ќе остане во сеќавањата.
Фото: Јованка Гроздановска/Вангел Тануровски
