Во село Глуво се одржува турнирот во чест на истоимениот долгогодишен фудбалер на ФК Вардар, легендарниот Љубомир Рајчевски – Рајче, чие потекло беше токму оттаму.
Настанот е под генерално покровителство на општината Чучер Сандево, како и од граѓаните на село Глуво. Организациониот одбор на турнирот ги охрабрува сите љубители на фудбалот да бидат дел од финалето на овој традиоционален спортски настан, а најдобрите и публиката ги очекува големи изненадувања и вредни награди.
Покрај спортскиот, оваа манифестација традиционално има и културно-естраден карактер, така што секој турнир завршува со естрадно-музички настан, односно концертен настап на познати естрадни ѕвезди од регионот.
Годинава по завршувањето на спортскиот дел на финалната вечер, организаторот како специјална гостинка најавува уште една мегапопуларна српска и регионална фолк ѕвезда, атрактивната пејачка Тијана Милентијевиќ попозната како „Жена од султана“, која ќе го увеличи големото финале и ќе ја забавува публиката со својот двочасовен концертен настап. Со ова се очекува завршната вечер на турнирот да се претвори во вистински спортско-естраден спектакл информираат од организацијата.
