World Music

Деми Ловато со нов албум „It’s Not That Deep“ – враќање кон денс-поп корените

Глобалната поп-ѕвезда Деми Ловато го објави својот деветти студиски албум „It’s Not That Deep“, издание што претставува свежо и смело враќање кон нејзините денс-поп корени. Албумот содржи 11 песни, создадени со цел да ја разбудат безгрижната и енергична страна на слушателот – нешто што самата уметница го најави и пред објавувањето.

Промоцијата на албумот беше проследена со три внимателно избрани синглови. Првиот, „Fast“, донесе елегантен и секси електро-поп звук, додека „Here All Night“ брзо се наметна како заразен клубски хит. Третиот сингл, „Kiss“, не само што ја освои публиката со својата леснотија и радиофоничност, туку стана и инспирација за насловот на албумот.

Во изјавата по повод излегувањето на албумот, Ловато откри дека овој проект има особено место во нејзината кариера:

„Овој албум претставува возбудливо поглавје за мене, исполнето со радост, слобода и леснотија. Снимањето на овој албум беше најзабавното што некогаш сум го имала во студиото. „It’s Not That Deep“ е за ослободување од сопирачките и допирање до безгрижната енергија што живее во сите нас и нè тера да сакаме да танцуваме цела ноќ. Многу сум возбудена што сите конечно ќе танцувате со мене“, изјави пејачката.

Со „It’s Not That Deep“, Деми Ловато уште еднаш докажува дека не се плаши од трансформации – напротив, таа ги користи за да креира музика што ја одразува нејзината моментална емоција, сила и слобода. Новиот албум веќе привлекува огромно внимание и ветува да стане еден од најслушаните поп-проекти на годината.

Текстот го подготви: Влад Петров

Можеби ќе ве интересира: